Mногумина во нашево малаксано и папсано општество, самонаречени експерти или аналитичари, брзаат да се истрчаат со некоја анализа и да искоментираат што е вистина, а што лага во актуелните збиднувања во заедничково опкружување. Изобилуваме со универзални  експерти. Посебно се актуелни “експертите” за премрежијата на расколничката  МПЦ. Нивните анализи буквално се топат уште непрочитани. Се топат како снежните снегулки кои незабележливо паѓаат на нашите капути и веднаш исчезнуваат!

Како се станува снегулка-аналитичар или снегулка-експерт? Едноставо, не умеете да направите адекватна анализа, и потоа од нестручно направената анализа не произлегува ниту синтеза, така да ни трага, ни глас од аналитичко-синтетичкиот метод кој е темел на градење сериозен интелектуален став!

Зошто не умеете да направите анализа на некој општествен феномен? Затоа што не ги познавате  техниките на  расчленување на нештото кое треба да го анализирате, а се самозалажувате дека ви е кристално јасно што се случува! Не ги познавате ниту составните делови на анализираното нешто и затоа не ви успева да ги синтетизирате елементите од анализата. Затоа буквално пред време ви се топи текстот со кој истрчувате демек да формирате јавно мислење и сė ви се претвара во „каша-попара“.

На пример, на 13. 03. 2015 г. во спомнатиот „Дневник“ го потпишувате текстот со налов: “Откако излобира ослободување Руската Црква го дарува Вранишковски со Архиепископска одежда, а ја заборави МПЦ”, а на 17. 03. 2015 г. во истото гласило осмнува текст  со наслов: “Двајца  Архиепископи за Македонија”, текст кој ве влече уште подолу во хаосот.

Вие, Бранко Ѓорѓевски се вљубувате во вашиот пишан збор и во истиот момент, губејќи го тлото под нозете, паѓате во субјектвен, автодеструктивен транс. Така, уште од насловот, ја расипувате можноста да се занимавте со издржана анализа. Патем да ве прашам, дали ви диктира некој дури го пишувате текстот? Некако не ми делувате автономно и разборито во вашите текстови.

Овде ќе запрам со упатствата  за применување на аналитичко-синтетичкиот метод при срочување новинарски текст. Веројатно би станала здодевна за читателите, бидејќи ќе треба збор по збор да анализирам во вашите “удбашки” памфлети за да ги расветлам затемнетите, помрачените локации во вашиот ум, во врска со овој „проблем“.

Очигледно е дека дебело сте се исфрустрирале од приемот на Архиепископот Охридски Јован во Русија и РПЦ. Посебно ве исфрлила од колосек роденденската торта подарена од сестринството на Новодевичанскиот манастир  во Санкт Петрбург, со натписот: „Сите Ваши страданија да Ви бидат на спасение, а нам на пример“. И покрај социопатолошката истрауматизираност, Вие насетувате дека овој натпис го искажува ставот на РПЦ кон Архиепископот Охридски Јован, но истовремено и кон непризнатата МПЦ!

Изразот „Сите Ваши страданија“, јасно и недвосмислено сведочи за многуте монтирани судски процеси, лажни обвинувања, пресуди и затвори, кои со Божја помош, Архиепископот Охридски Јован ги поднесе за единството на Црквата, а вие, прилично незрело сакате да ги бутнете под тепих. Патем речено, во соборноста на Црквата, сите ние многу добро знеме кој ги покрена судските процеси против Архиепископот Јован? 

Ете, сега, после толку години, го гледате исходот од неразумниот однос на расколничката МПЦ кон Архипископот Јован и кон сите оние кои сакаат да бидат соборно православни, или сė уште немате способност да разберете каде пропаднаа тркалата од „волшебната кочија“ со која овие 48 г. толку “комотно” си патуваше непризнатата МПЦ низ земјата македонска!

Само еден краток текст, само еден полнозначен израз, оној испишан на тортата, засекогаш ги фрла во оган сите ваши напори во празно, со години да мавтате со неартикулирани натписи против канонската и сеправославно призната Православна Охридска Архиепископија и нејзиниот Архиепископот.

Гледате сега што значи добро срочен наслов? Па, згора на сė и вкусен, сладок, со радост да го изедеш, ако имате капацитет да сфатите!