Во Р. Македонија ни упокоените немаат мир! Оваа вест ја превземаме од профилот на Архимандритот Некатариј (Серфес) од САД.

На 11-ти Мај 2011 год., на повик на граѓаните од Кавадарци, коишто припаѓаат на Православната Охридска Архиепископија, Неговото Преосвештенство Епископот брегалнички и Местобљустител битолски г. Марко беше замолен да ја соврши службата на погребението на покојниот татко, на една од монахињите на Архиепископијата.

Еден ден после извесните слики на државниот срам, коишто ги видовме на закопот, ги слушнавме и изјавите на претставникот на државата, директорот на градската капела во Кавадарци, г. Илија Бојаџиев, дека Епископот г. Марко: „требал да праша свештеник на МПЦ дали може да ја соврши службата„! и на претставникот на МПЦ, г. Агатангел дека: „не го дозволил опелото затоа што тоа е спротивно на каноните“!

Со посочениве изјави на претставниците на државата и на МПЦ, недвосмислено се прекршува уставната определба за „одвоеност на државата од МПЦ“ (Член 19), со што целосно биваат загрозени принципите на демократијата во делумно слободната Р. Македонија. Одненадеж, значи, каноните на МПЦ стануваат државни закони и обратно. Како по обичај, надлежните за функционирањето на демократското уредување во Р. Македонија, завиени се во пословичниот – молк!

Дивеењето на обезбедувањето, по налог на г. Агатангел и на г. Илија Бојаџиев, на закоп на којшто воопшто и не беа повикани, претставува варварски чин, којшто не им оди во прилог на припадниците на МПЦ. Наместо да градат мостови на доверба, расколничките епископи, свештеници, монаси и верници денес во целиот православен свет, на наша искрена жал, биваат идентификувани со гологлавите и мускулести момчиња со натпис: security. Пребивајќи, пак, во позиција на владетел, МПЦ го заборави дури и принципот на Макијавели, којшто предочува дека еден владетел не треба да се однесува на варварски начин. Следствено, со сопственото однесување МПЦ на најпримитивен можен начин, пред јавноста ја манифестира мизерната положба во којашто се наоѓа.

Истовремено, пак, гласно поставуваното прашање дали припадниците на Православната Охридска Архиепископија имаат право или не, слободно да ја манифестираат својата верска припадност, е прашање со коешто само се дефокусира неупатената домашна јавност. Конечно, за сатисфакција и на јавноста, одговорот на тоа прашање, како неопходен придонес кон зреењето на домашната демократска свест, ќе го дадат релевантните европски институции.