Што имаат заедничко оние кои живеат во мракот на расколот, со светоста на еден човек од Соборната Црква?

Прогласувајќи го Архимандрит Јоаникиј за светител, МПЦ иако нема надлежност, ниту право за тоа, по којзнае кој пат врши насилство врз Црквата, зошто, зема нешто што не ѝ припаѓа, нешто што е туѓо за неа. Соборната Црква е таа, која ги прогласува своите членови за светители, меѓу кои беше и високо преподобниот Јоаникиј, а во која МПЦ нема удел.

Познато е, МПЦ е формирана години по неговата блажена смрт, а Архимандритот Јоаникиј живееше и се упокои како клирик на Српската Православна Црква. Тогаш зошто МПЦ се дрзнува да прогласи туѓ клирик за свој светител?!

Истото го направи и со о. Кипријан Слепчански, кој бил клирик на Константинополската Патријаршија, а тие го прогласија за светител на МПЦ.

Ова неодговорно однесување навестува само дека на МПЦ не ѝ е дојдено до вистинско решение на своето прашање, зошто овие непромислени постапки сигурно ќе и ги усложнат идните преговори со СПЦ.

Или барем да размислеле малку повеќе, знаејќи ја праксата во Соборната Црква: кога еден помесен синод носи одлука за прогласување светител, истата одлука се испраќа до сите помесни цркви, чии синоди ја разгледуваат и усвојуваат. Кој синод, на која помесна црква, ќе им ја усвои оваа нивна одлука? Се разбира, никој!

И друго многу важно кое треба јавноста да го знае за Архимандритот Јоаникиј е дека, токму поради негрижата на МПЦ, се распадна неговото со децении нераспаднато тело.

А, имено, по многуте апели на селаните од Ракотинци и пошироко, дека светителот за чудо е целосно сочуван, но дека поради околности настанати со пролизгување на земјиштето и честите поплави, тој морал да биде префрлен во селската Црква за да се заштити. МПЦ, најнеодговорно нареди да се врати во истото земјиште, каде на несоодветен терен и услови, беше препуштен на забот на времето, после што ѝ се распадна.

Така апсурдот сега е поголем, о. Јоаникиј да биде славен од истите оние кои го оставија да пропадне.