Новинарската инсуфициенција и неспособност на Бранко Ѓорѓевски, кога се во прашање црковните теми, веќе е нашироко позната. Од таквиот инсуфициентен „новинарски пристап“ кон црковниот проблем, неодамна се огради и самата непризната МПЦ, соопштувајќи дека едноставно некои новинари не се доволно теолошки образовани.

На Бранко Ѓорѓевски му е падната улогата удбашки да го разгорува огнот, тогаш кога и нема основа за нешто такво. Ставовите на Патријархот српски Иринеј изречени за „Новости“ (http://m.novosti.rs/), Бранко Ѓорѓевски како послушен политички назначеник ги нарекува „стопирање на дијалогот“ и „божиќна уцена“ („Дневник“, 07. 01. 2016).

Патријархот српски Иринеј на прашањето на „Новости“, кога може да се очекува да почнат преговорите со непризнатата МПЦ, експлицитно одговара:

Недостаток на култура на дијалог и недостаток на добронамерност покажуваат оние кои со предумисла сметаат дека со обвинувања, апсења и пресуди, било што ќе решат. Сѐ додека така се однесуваат, тие покажуваат дека не посакуваат разговор туку судир. Ние сме трпеливи и чекаме да си дојдат на себе си, и да се вратат на патот кој води кон разговор и договор.“

Во своето новинарско слепило Бранко Ѓорѓевски ја извртува тезата и не гледа дека власта во содејство со државната „црква“, т.е. МПЦ, се тие кои уценуваат. Првото судско рочиште беше закажано во јули минатата година, следното е за крајот на јануари, оваа година. Ова го нема ни во бајките: судот не е кадарен за цели 7 (седум) месеци да почне, а камоли да заврши еден процес. Па зар не е очигледно дека власта и државната „црква“ сакаат да го користи судскиот процес за да уценуваат во преговорите. Но тоа едноставно речено нема да им пројде. Никогаш. Доколку не се однесуваа така неконструктивно, тој процес одамна ќе беше завршен, бидејќи станува збор за незапамтен политички монтиран процес: Архиепископот, двајца Епископи, свештеници, монаси, верници од ПОА се осудени за „перење пари“, за кои Архиепископот Јован веќе бил официјално осуден и одлежал затвор дека ги потрошил. Замислете, пари што според нив ненаменски ги потрошил, а постојат докази дека се потрошени (првенствено за уредување на храмови), сега на волшебен начин ги дели на други дваесетина луѓе. Ете ви ја интелегенцијата на тие што го смислиле обвинението. Затоа корумпираното судство е прво за ремонт, како услов да се достигне нивото на напредните демократии и најпосле да се излезе од оваа судска жабокречина.

Ете тоа точно го видел Патријархот Иринеј и ја дал точната дијагноза и тоа со благи зборови: спрегата на минливите политичари и непризнатата МПЦ, навистина покажува недостаток на елементарна култура на дијалог и навистина конечно треба да си дојдат на себе си. Иначе, со такви варвари никогаш не ни треба да се преговара, барем во ниту еден случај не треба да се седне на било каков разговор со нив додека конечно не престане државниот политички монтиран судски прогон. Откако ќе престане, тогаш може.