(осврт кон мисијата на Црквата)

При една моја дамнешна посета на Гората Атонска, местото на непрестајните молитвословија за целиот свет, имав прилика да присуствувам на еден за мене многу значаен разговор со некои од тамошните подвижници и нивни во тоа време познати и актуелни посетители.

Имено, во истото време се случи во манастирот каде што тогаш престојував да го посетат едни „световно“ многу популарни монаси, односно калуѓери со несекојдневно послушание, чија цел беше полесно и попристапно да мисионарат за Христа до младите луѓе.

Монасите имаа популарна група со модерен за тоа време звук, преку која искажуваа поуки до младите и на тој начин се обидуваа да ги пренесат Евангелските поуки до нив.

Станале популарни, во манастирот се зголемил бројот на посетителите, а тие во текот на летното време оделе на турнеи и по клубови, кадешто во вечерните часови свиреле и седеле со младите луѓе, со цел да ги поканат на Литургијата која би ја отслужиле утрото и така да пристапат до народот. Групата постоеше извесно време, имаа спот, албум, неколку турнеи.

Еден од мудрите и просветени старци ги праша дали после неколкугодишното нивно постоење можат да му ги кажат плодовите на нивната „световна мисија“, односно колку нови монаси и колку млади и нови луѓе придобиле за Црквата Христова.

Одговорот беше дека нема останато ниту еден нов монах, односно доаѓале многу кандидати да се пробаат во монашкиот живот понесени од атмосферата на нивните концерти, но кога ќе се соочеле со секојдневниот монашки живот, многумина од нив за брзо време заминувале.

Исто било и со верниците кои доаѓале во нивниот манастир, понесени од виорот на актуелнота и популарноста на групата, но за кратко време престанувале да посетуваат било какви богослужби.

Старецот им рече: А пак ние овде на Света Гора, имавме до скоро жив еден старец, на сите вам познат, монахот Пајсиј, кој не знаеше ништо за современите музички, филмски и останати текови. Родум од Понт (денешна Мала Азија) целиот живот го помина уподобувајќи се на Светите Отци од минатото, тој не беше воопшто модерен, ниту пак со световно широки познавања. Но, ние светогорците бевме зачудени како скоро секој ден, неговата скромна келија беше преполна со млади луѓе, со фарбани коси и обетки, кои беа жедни за да го чујат неговото продуховено слово.

Тие доаѓаа со една надеж, во неговите очи да видат нешто што не го гледаат во „световните“ луѓе, доаѓаа да видат еден автетичен монах во чии очи ќе видат парче од Небото… Не доаѓаа да слушаат за музика, веројатно за тоа ќе ги прашаа музичарите, не доаѓаа за да зборуваат за филмови, веројатно секој човек надвор од Света Гора повеќе знаеше за филмовите од него, туку сите доаѓаа за да се напојат од продуховените поуки на еден скромен, автентичен и воопшто не-световен монах.

На крајот од таквите поуки, младите луѓе суштински се покајуваа и менуваа, па во ќошот од дворот секогаш имаше купче шарена коса и обетки, кои младите ги оставаа зад себе, како остаток од стариот човек, пред раѓањето на новиот продуховен човек.

Папарокерите (името на бендот на монасите, свештеници-рокери), долго се замислија и се согласија дека сведочењето на христијанската вера е многу поуспешно кога се врши не-посветовено, односно со поддржување на автентичните Отци на пустината.

По кратно време тие се откажаа од својата „мисија“, еден од нив се наврати во светот на рок-музиката, повеќе не како монах, вториот замина надвор од Грција. Остана само нивниот игуман, кој сега преумено живее и сведочи во Црквата.

Деновиве и кај нас сме сведоци на еден таков свештеничко-рокерски пристап на „мисионерење“ од страна на еден наш ,,уана би селебрити“ епископ…

Останува да чекаме да ги видиме плодовите од неговата „посветовена мисија“, која засега е бројна само надвор од храмовите и Литургиите.

Авторот е сегашен монах, некогашен музичар

Текстот е објавен на КАЛИМЕРО.МК