Поминаа повеќе од 12 години откако трае прогонот и малтретирањето на  Архиепископот Јован само заради тоа што се покаја, се откажа од расколот и пристапи кон православната, канонска Црква.

Со тоа покажа дека има излез од расколот и за македонскиот народ кој по ген и по адет се доживува како православен, но за жал пребива со години во раскол.

Поради ваквиот подвиг, Архиепископот Јован скоро и да немаше страдање коешто не го претрпи  во текот на овие 12 години, а да не сме го сретнале истото страдање кај  слични исповедници на верта, па и кај самиот Господ Исус Христос.

Некако е природно за православен ревнител и Епископ кој воедно е икона Божја на земјата да ги прими со сето свое битие зборовите Христови: Мене ме гонеа и вие ќе бидете гонети заради името мое.Таквото горко искуство го понесоа и свети Нектариј Егински, свети Лука Симфериополски…

Зарем Пилат по судењето не си ги изми рацете и им го предаде Христос на старжарите? За таквите библиски сцени и страдања Христови јасно и сликовито говорат фреските во манастирот „Свети Георгиј“ во селото Старо Нагоричане Кумановско!

Зарем по судењето и пресудата двоглавиот џин, македонското судство и МПЦ-ОА не ја предадоа личноста на Архиепископот Јован на затворските стражари, медумите, карикатуристите, на потсмев, плукање, клеветење и  ругање?

Монашкото име му го заменуваат со световното, го нарекуваат криминалец, расколник, предавник на државата, предизвикувач на верска омраза, а всушност го навлекоа гневот и омразата на погрешно информираниот народ кон него, за да воскликнува против него: „Ликвидација, ликвидација! Да се протера од државата.

Зарем не си го виде татко си Аргир, Бог да го прости, како лежи како ранет лав на смртна постела  оти срцето му препукна кога го виде синот свој по вторпат затворен ради Христа?

Заерм не си ја виде мајката, сестрата и вујковците изведени на суд затоа што го поддржуваа во делата богоугодни?

Зарем не си јавиде својата мајка Галена  ранета како што е претставена Пресвета Богородица на иконата Седмострелна?.

Зарем не си го виде братството, монаштвото и стадото свое пред суд изведено зошто посака да се вложи во Црквата канонска во Македонија?

Зарем не си ги виде храмовите кои беа подигнати од неговата десница за на Бога во нив да се служи, уништени и разорени?

Зарем слугите на власта кои себе си за предвесници на вистината се мислат и го имаат в рака новинарското перо не го исмеваат иронично: „маченик“ и  „светител“!?

Зарем на судењето не донесоа двајца лажни сведоци против него? Едниот од МПЦ-ОА ,  другиот од „улица“?

Зарем не му забранија да чита Свето Писмо и да прима Света Причест во затворот, а место тоа во затворот ја има можноста да ги следи телевизиските  вести кои шират клевети за него?

Зарем не му ја соблекоа мантијата и одеждата  која со искрена радост ја облече од денот на своето замонашување и хиротонија и по своја волја не ги соблече?

Зарем епископското жезло и митрата не му ги одзедоа неправедно и насила?

Зарем со лисици како најголем злосторник не го изведоа неколкупати пред судот?

Зарем осум пати не го осудија да биде во неподноснливи затворски услови?

Ако ја погледаме фреската „Ругањето на Христос“ ќе ги видиме на неа претставени двјаца свирачи во хорна кои потсетуваат на денешните новинари кои шират лажни и саркастични вести, скомрахите со кошули со подолги ракави како го исмејуваат, двајца стражари како го туркаат по рамењата и го плукаат, му облекле скарлетна наметка, на главата трнов венец, а во десната рака трска место жезло!? Десно од Христос е претставено едно дете со фрула во рацете како со песна го исмејува, а тоа е символично претстава за инфантилните по дух луѓе кои на примитивен начин го исмеваат Христос. Еден бизарен пример за ова е овој инфантилен изведувач на песната „Грешен владика“.

Човечката слабост да се руга и исмејува посебно на праведните и невините е минорна во однос на Лудата љубов Божја кон нив. Бог за секоја човечка слобода (слободна волја) која запаѓа во  промашување и лутање со духот, дал пример за покајание и можност за избавување од падот. Таков е примерот со Св.Порфириј глумец, скомрах кој  ругајќи се на Христос и Светата Тајна крштение, го примил Светиот Дух и се покрстил во текот на театарската претстава. Неговата личност се преобратила и тој го напуштил артистичкит живот и  потполно се предал на Христос и личното спасение. Добро е човек да си спомнува за ваквите примери кои се многубројни во Православната ризница на Житијата на Светите.

Бог на сите ни гледа во срцата. Кога човек од незнаење и погрешна информираност греши, се случуваат вакви пресврти и преумувања по Божја промисла и интервенција. Но, кога свесно, неразборито и  упорно човек останува со погрешните ставови и тогаш Бог поради човекољубието, по принципот на пардоксот и по наша волја, дава можност да се исправиме. Како што на негативот од фотографската плоча темните полиња  ќе се преобратат во светли така и светлите полиња кога преминуваат на фотографската хартија стануваат темни. Всушност веќе древната фотографска плоча е парадигма за  нашата непробразена душа /дух. Како ќе изгледа фотографијата на нашата душа зависи и од нашата спремност кога се фотографираме за последната фотографија од нашиот земски живот како и кон кој извор на светлина ќе го свртиме нашето тело а со тоа и нашиот дух. Како „ќе излеземе“ на фотографијата со која „ќе конкурираме“ за вечност, сепак зависи од на.шата одлука и волја?

Затоа, да бидеме свртени кон Источникот на Вечниот живот и да внимаваме да не прилегаме на стражарите, свирачите на хорна/рог, детето со фрулата, скомрахите кои служејки и на световната власт, му се ругаа на Христос и му ги умножуваа маките додека тој страдаше неправедно. Во секој ближен да го гледаме Христос, само така ќе се наречеме христијани.

Зошто да не го гледаме Христос и во братот наш, Архиепископот Јован? Зошто да не се запрашаме зарем 12 години не е долг период од човечкиот живот на земјата да биде човек во прогон и затвор неправедно, а воедно и ти да бидеш соучесник кој го премолчува, поддржува или оправдува прогонот кон Архиепископот Јован?

Истовремно, добро е човек да се запраша зошто да бидам 12 години со оние кои се ругаат на страдањето на  Архиепископот Јован, со оние кои го прогонуваат, малтретираат, затварат, судат и повикуваат на негова ликвидација, како на Велики Петок што постапуваа непријателите Христови, а притоа да бидам уверен дека секојдневно се подготвувам за „последната фотографија“?