Постои ли уште некој во оваа наша Македонија, на кого не му е јасно дека непризнатата МПЦ, прецизно кажано – не е дел од Едната, Света, Соборна и Апостолска Православна Црква!

На таков расцеп и со реалноста во последно време сѐ повеќе се изложува шизматичкиот поп Бобан, роднина и шеф на кабинетот на шизматичкиот архиепископ г. Стефан. Вчера, а веројатно нема да му биде и последен пат, во разговор за „Нова Македонија“ (07.07.2016, Ед. бр. 23800), во отсуство на автентични извори и аргументи, овој шеф на кабинет, се обидуваше да ја хипнотизира македонската јавност, која со одредени исклучоци, во последно време и не сака баш да биде хипнотизирана.

Ќе се осврнеме на еден дел од спомнатиот разговор, заради плурализам во информирањето, па секој читател сам нека си донесува заклучоци.

Додека новинарот Г.Т. констатира дека заради некакви „наметнати проблеми“ МПЦ не добила покана да учествува на Соборот на Крит, младиот апологет на шизмата и шеф на кабинет, со својот одговор си ја потпишува својата дијагноза, која колку и да звучи грубо гласи – схизофренија. Подобро да се спречи отколку да се лечи. Имено, можеше овој шизматички поп да најде некоја позавиткана форма и на пр. заради пообјективен пристап да одговори дека – МПЦ засега не е во единство, но постои желба таквата состојба да се надмине и сигурно ќе се надмине, и слично. Сепак, шефот на кабинетот одбра од небо па во ребра: „Ние сме де факто дел од православието, сакал тоа некој да го прифати или не.“

Ваквата недоделканост и схизофреничност се одлика само на расколничкиот менталитет.

Нема да се впуштаме во тоа како „МПЦ де факто е дел од православието“, а ниту еден Патријарх на помесна црква не служи и не се причестува со шизматичкиот архиепископ г. Стефан. Еве за 50 години комунистичка автокефалија шизматиците не успеаа да убедат ниту една црква дека МПЦ е автокефална, туку само за себе ја повторуваат мантрата: автокефалија, автокефалија… Станува малку незгодно тоа наметнување на другите цркви. Тие не ги прифаќаат, а МПЦ се нуди. Па да имаа барем елементарна култура и да ја почитуваа слободата на Православната Црква, но ни тоа го немаат.

На секој барем малку мислечки и слободољубив човек јасно му е, дека оваа изјава на шефот на кабинетот е исто како шефот на кабинетот на премиерот сега да рече: Македонија е дел од Европската Унија, сакал некој тоа да го прифати или не. И секој барем малку мислечки човек ќе сфати со каква схизофрена личност си има работа.

Ние си немаме работа со такви личности, па затоа заради вистинољубивата јавност ќе се обидеме да одговориме што овој Собор значи за Македонија и за непризнатата МПЦ?

На Соборот на Крит беше усвоен текстот за доделување на автономија

На Соборот на Крит беше усвоен текстот за доделување на автономија, кој уште од Шамбези го имаа потпишано сите Патријарси. Според овој текст една Патријаршија во границите на своето канонско подрачје може да доделува Томос за автономија, кој ќе го регулира степенот на автономија на таа црква, а потоа со испраќање на Томосот треба да ги извести за доделената автономија и Вселенскиот Патријарх, и сите останати православни Патријарси.

Во очите на православниот свет МПЦ едноставно ја нема. МПЦ без да добие Томос за автономија (ако го има нека го покаже), ја спровела одлуката на Комунистичката партија за самопрогласување автокефалија. Којзнае дали творците на шизмата биле свесни дека тоа не е начин и дека таквиот чин води во отпаѓање од Православието! Знаеле-незнаеле, факт е дека од тогаш, од 1967г. МПЦ исчезнува од мапата на Православието.

За разлика од МПЦ, канонската црква во нашата земја, Православната Охридска Архиепископија доби своја најширока автономија, има свој Синод кој сам бира и ракополага Епископи, а Томосот за автономија на Православната Охридска Архиепископија од тричлена делегација на Архиереји лично му беше доставен на Вселенскиот Патријарх и со пропратно писмо беше испратен до сите помесни православни цркви. Затоа и Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован учествуваше на Соборот на Крит како претставник на црквата од нашата држава.

Ете го значењето на овој Собор за МПЦ

Ако МПЦ сака да стане православна црква и да има литургиско и канонско единство со сите останати православни цркви, кои како што чувме, не се федерација од цркви, туку Една, Света, Соборна и Апостолска Црква, тогаш ќе мора да ги почитува одлуките на таа Соборна Црква. Елементарната култура подразбира дека доколку сакате да бидете дел од некоја заедница значи дека сте подготвени и да ги почитувате правилата на таа заедница, а не да ги прекршувате. Или МПЦ ќе ги почитува правилата на Православната Црква или ќе треба да се помири со суровата реалност, која гласи – партиска црква. А почитувањето на правилата значи дека ќе треба да се покае за расколот што го има направено со кој отпадна од Православието, ќе треба да се врати во единство со канонската црква во Македонија, а тоа е Православната Охридска Архиепископија, и да го прифати нејзиниот Томос за автономија, па потоа, на следниот Собор, за кој се слуша дека нема да се оддолжи, кога ќе се разговара за темата на автокефалијата, да дојде до сеправославно призната автокефалија, а не до комунистичко подметнување и схизофрена самоизмама.

Колку да звучи тешко, треба само да се победат суетите и сѐ ќе биде лесно остварливо. Бидејќи ако вака продолжи, МПЦ никогаш нема да дочека да влезе во Православието, бидејќи не постои Собор, мал или голем, кој ќе признае самопрогласена автокефалија и згора на сѐ, извикана по диктат на Комунистичка партија. Може МПЦ да чека уште илјада години во шизма – само ќе се изначека и ништо повеќе.

По фер би било за г. Стефан и неговиот шеф на кабинет да кажат отворено дека не ги прифаќаат правилата на Православната Црква и да престанат да ги лажат нивните верници дека биле „де факто дел од православието, го признавал тоа некој или не“. Со таквите изјави сведочат само дека немаат поим што е Православие.

Соборот на Крит со усвоената точка за автономија покажа како единствено може да се реши проблемот на шизматичката МПЦ. Затоа, ако се барем малку писмени во МПЦ ќе ги прочитаат пораките на Соборот од Крит. Ако не се, ќе продолжат да мантраат по паметот на г. Стефан и нековиот роднина г. Бобан и еден по еден нивните верници ќе паѓаат во амбисот од каде што, за жал, нема враќање.