Наместо да го подготвуваат народот за општото покајание што, како расколници, треба да го принесат пред Бога, преку кое и единствено ќе се вратат во спасителната соборност на црквата, некои расколнички епископи и самонаречени исихасти, мантраат на црковни теми за кои не се кадарни и не ги бива. А, како би биле кадарни, кога самата Света Гора сведочи дека од таму се избегани без благослов, дека се наоѓаат во состојба на непослушание, дека лажно се претставуваат како духовни чеда на старецот Георгиј, дека остануваат непокајани во расколот (стр. 495: http://www.poa-info.org/izdavastvo/knigi/za_idnoto_carstvo.html). Света Гора досега нема излезено со нов документ со кој би го поништила реченото од наведениот. Каква иронија, таквите православни гуруа ги учат своите следбеници на послушание и молитва. Да не беше трагично, ќе беше смешно. Ваквиот тип на прелест им е јасен на упатените ширум православието, но се разбира останува непознат за опрелестените. Инаку не би биле во прелест.

Еден опитен старец вели: кога некој во црквата се моли со умносрдечната молитва, не е отворен за духот на противречие, и ако му кажеш: „магарето лета“, бидејќи ја говори молитвата, тој ќе се согласи со тебе. Кој не знае дека магарето не лета? Меѓутоа, бидејќи умот му е во Христа и ти си во Христа, а за да би покажал единство со тебе, тој не го негира твоето тврдење. Е, тоа е возможно само во соборноста на црквата, а „умносрдечна“ молитва надвор од соборноста на црквата е факирство, лежење на шајки и одење по жар.

Но, на авторот расколник, ниту умот му е во Христа, ниту ти си за него во Христа, а заради својата опрелестеност тој нема поим што значи црковното единство, па затоа сето тоа го негира, оправдувајќи си го расколот, што всушност претставува главна одлика на прелеста, на заблудата.

Епископ, клир и народ причестени на литургија се црква, но доколку се затворат во гето и го изгубат литургиското единство, со, без исклучок, сите останати помесни цркви, тогаш таквата заедница лесно може да се именува како секта.

Имајќи го реченото за основа, од православниот аспект памфлетот е безвреден и бесмислен.

За иронијата да биде поголема памфлетот го шкрабнал човек кој воопшто не е дел од соборноста на црквата. Постои ли уште некој во оваа земја на кого не му е јасно дека за православниот свет тоа е буквално исто како за устројството на  православната црква да пишува некоја протестантка жена епископ. Значи, заради отсуството на црковна свест, авторот на памфлетот не сфаќа дека токму другите можат да му го дадат тоа што тој го нема – соборноста, која не е украс, туку самата суштина на Телото Христово! Автономија во соборноста или автокефалија во секташтвото! Дилемата е излишна, одговорот е јасен: автономија во соборноста зашто – верувам во Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква! Сѐ друго е измама, односно продавање трици како пченица!

Еве едно логично прашање, коешто би си го поставил секој разумен човек: ако таинствата на МПЦ се исти со оние на православната црква, зошто тогаш архирасколникот Стефан и другите расколнички епископи никогаш не сослужувале со рускиот, вселенскиот, романскиот, јерусалимскиот, антиохискиот… патријарх? Ах, да, заборавивме J , нив сите ги мразат, зашто од расколниците потекнува белата раса, а на соборната црква ѝ е криво и тешко ѝ е да се помири со тоа. Расколниците велат: „крстен ли си православно, веќе си влезен во Царството“! Ако некој застапува став дека е доволно да си крстен и да учествуваш во некоја расколничка „литургија“, тоа претставува чисто протестантска теологија. За баптистите е доволно човек да биде крстен и да учествува во нивната богослужба, за да се спаси. МПЦ застапува чисто протестантска теологија. Речено е: доколку расколот не се зацели брзо, преминува во ерес. Не е доволно за човекот само да е крстен, дури и со канонско крштение, доколку тој човек никогаш не се причести на соборната евхаристија. Крштението не е магиски чин, како што мислат во расколничката МПЦ: абра-кадабра, и спасен си!

Во црквата постои одредено устројство. Дали тоа ѝ се допаѓало на МПЦ или не, сакала МПЦ да признае или не, е целосно ирелевантно, тотално небитно за соборната црква. Расколничката МПЦ, од таму кадешто сега се наоѓа, може само уште повеќе да тоне во илузија дека баш како расколничка организација ќе влијае да ја промени Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква. Но, и те како може да промени во себе, да излезе од гетото на расколот и суштински да стане црква влегувајќи во соборноста. Инаку, МПЦ се наоѓа во состојба на раскол по своја волја или по послушание на авторот на памфлетот! Воајерството на МПЦ од раскол да ѕирка во животот на црквата е болна појава. Кога авторот на текстот ќе биде примен на Света Гора да служи литургија, е дури тогаш соборната црква ќе препознае дека веќе не е во прелест, а до тогаш Господ нека му е на помош. Црквата секогаш ќе се моли да не се случи, не дај Боже, само авторот на памфлетот да не умре во раскол, и не само тој, туку и другите расколници.

Затоа главната задача и одговорност на расколничките епископи на МПЦ е, преку покајание, да ја вратат во соборноста на црквата. Тие око не би требале да склопат додека не ја завршат таа света должност. Сѐ друго што прават, мантри, памфлети, лопати во темели… е продавање на пелин, како да е мед.