Деновиве, низ интернет овде-онде срамежливо се појави некаков текст за дипломатија на расколничките монаси, со која тие се борат за признавање на автокефалноста на расколничката МПЦ. Во текстот, расколничките монаси велат: „Сметаме дека овој измислен и повеќе политички, отколку еклисиолошки проблем, е непотребен и штетен на православното единство“.

Време е расколничките монаси од непризнатата МПЦ да престанат да лажат. Ние од Соборното Православие нема да ја потцениме моќта на расудувањето на нашите читатели и ќе оставиме секој сам да си процени. Значи, секој трезвен читател нека си постави само едно прашање: дали е возможно една црква сама да си прогласи автокефалност, кога вековната историја на Црквата покажува дека последниот збор за доделувањето на автокефалијата го имале или Вселенските Собори, или Вселенската Патријаршија? Знаејќи го тоа, расколниците се глупирале и си играле како што им свирел Тито, па се самопрогласувале за „автокефални“.

И сега, расколничките монаси наместо да се стават во одбрана на преданието на Црквата, тие бесрамно бараат Соборната Црква да им ја легализира одлуката на Комунистичка партија на Југославија за самопрогласување на „автокефалијата“ во 1967. Па, утре и да ја признаат Р. Македонија под уставното име, токму затоа што не е политички, туку чисто еклисиолошки проблем, никој нема да ја признае таквата „автокефалија“ бидејќи, помеѓу сѐ друго, со тоа ќе им прати и порака на сите што имаат шизматички менталитет, баш како овој на МПЦ, слободно да си самопрогласуваат „автокефалии“ и да си почекаат признавање. Е, тоа ниту било, ниту ќе биде, па кој колку и да апелира.

„Непотребен и штетен проблем“ ви е расколот, „изморени и разочарани“ расколнички монаси. Вие немате поим што е тоа Една, Света, Соборна и Апостолска Црква и мизерно е што се покажувате верни робови на вашите татковци расколници, па наместо да се преумите, наместо да го одите црковниот пат, вие со евтини памфлети го пазите расколничкиот континуитет и се ставате во служба на минливи политичари, прогласувајќи си ја автокефалијата од 1967 г., за ваш расколнички христос, а ја отфрлате службата на Соборниот Христос. Очигледно ептен сте заборавиле на стиховите: „Не надевајте се на кнезовите и на синовите човечки, во нив нема спасение“ (Псалм 145. 3) или ги читате шизофрено, како што шизофрено го читате и Символот на верата.

Веќе сте прочитани. Се ухлебивте, си го најдовте парчето леб во расколот, па сега јадете, пијте, веселете се, но со таков расколнички дух никогаш нема да бидете православни монаси. Не со дипломатија, не со бранење на одлука на Комунистичка партија, туку со покајание се станува Црква. Неразумно е да се очекува дека Црквата ќе прифати апел да легализира одлука на Комунистичка партија. Вака само уште повеќе си го откривате вистинското лице кое од автокефалијата има направено идол и кое ве прави да бидете како англиканците, државна секта и ништо повеќе. Затоа Црквата ќе ве прифати не преку апели кои повеќе им се наменети на домашните политичари, туку само доколку низ солзи се покаете за тоа што го направиле вашите татковци расколници и доколку смирено побарате простување за гревот на расколот во кој сѐ уште пребивате.