Во отчетот за сработеното на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“, од 2011 до 2014, властодршците сакаат да се пофалат дека по нешто и сработиле, па ја спровеле акцијата „Расколник“, во која кривично се пријавени 19 лица, со обвинение дека сакале да „исперат пари“!

Инаку, станува збор за пари за кои Архиепископот охридски Јован веќе беше осуден, со правосилна пресуда на затворска казна, откако Бирото за вештачење детално објави каде точно тие пари веќе биле „ненаменски потрошени“! Остана вчудоневидувачки како е возможно средства за кои постојат докази дека се потрошени, а постои и судска пресуда за тоа, сега на волшебен начин повторно да се појават после цели 14 години за да бидат „испрани“.

Но, ништо не е чудно кога станува збор за корумпираните македонски судови и вообразените политичари кои всушност се вистинските поглавари на расколничката МПЦ.

Сега тие биваат обвинети за криминали преку кражби на милиони и милиони евра, и за рушење на уставниот поредок на татковината, тешки криминали кои се покажува дека сакале да ги прикријат со театрално малтретирање и апсење на Архиереји, свештеници, монаси и припадници на Црквата Христова, сеправославно признатата Православна Охридска Архиепископија, само за да го дефокусираат вниманието на јавноста од своите злодела. И тоа како да го дефокусираат? Со тоа што јавно забиваат нож во Телото Христово, коешто е Црквата. Тие не треба да се плашат од земниот суд, туку ако се христијани повеќе треба да се замислат каков одговор ќе дадат пред судот Божји.