Се разбира не се сложуваме во сѐ со г-ѓата Соња Крамарска, но кога би се сложувале во сѐ, зар не би било тоа највисок степен на самобендисаност и самодоволност?!

Во нејзиниот напис што следи, гледаме ставови на мислечки човек, одбрана на секуларните принципи, глас на интелектуалец, какви што, за жал, сѐ помалку има! Затоа, нејзиниот текстобјавен во „Утрински весник“ (5.12.2014), и тука го предлагаме за читање и дебата:

… „Не е тешко да се поверува дека Вранишковски е во тешка здравствена состојба како резултат на затворските услови. Тие се тешки за кого и да е, а камоли за интелектуалец кој од државата е осомничен безмалку за воено злосторство бидејќи формирал паралелна архиепископија. И дотука може и да се разберат емоциите на македонскиот црковен и државен врв. Но под услов Македонија со ист таков жар да ги брани и другите атрибути на својата држава, нација и идентитет, мислам на социолошките и пред се’ на културните.

Од меѓународната заедница Јован Вранишковски е означен како политички затвореник, и тоа нималку не е пријатно за една држава која сака да биде модерна и демократска. Верското убедување е една од многуте слободи кои ги гарантира нашиот Устав, и затоа неговата децениска голгота која почна уште пред доаѓањето на сегашното ВМРО-ДПМНЕ на власт, е срам за цела држава. Ние не можеме да бараме да одиме напред и да се приклучиме кон ЕУ и НАТО ако имаме во затвор човек кој ја модифицира својата верска определба и решил да работи на нејзино ширење.

Простете, но ова личи на средновековната инквизиција. Спалување на сите оние кои говорат спротивно на црквата. И тоа јавно спалување. Вранишковски доби повеќе кривични пријави за злоупотреби од кој било во оваа држава за која сите знаеме како стои на полето на службените злоупотреби. Сакам да кажам дека злоупотребите се масовни, дел од нашиот социјален код, ама изгледа само Вранишковски плаќа. Се разбира сите знаеме зошто е тоа така.

Неговиот третман во затворот ја прави сликата уште полоша. Според тој третман кој е пред сѐ нечовечки, Вранишковски е ѓаволот кој треба да се отстрани за да може македонската држава да живее во мир. АМА, НЕ Е ТАКА. Верската толеранција е едно од начелата кое ја портретира една држава како толерантна или како нетолерантна. За политика веќе покажавме дека сме нетолерантно општество односно се уништува сѐ што не е од владејачката партија, така беше порано така е и сега, а со примерот на Вранишковски покажуваме дека не стоиме подобро и на полето на верската толеранција.

Слушнале ли нашите политички, па и црковни водачи, за либерални општества и држави? Сакаат ли да нѐ одведат таму? Јас сум сигурна дека тие ќе одговорат потврдно на тоа прашање, но треба да знаат дека преку случаи како Вранишковски, тие се на погрешен пат.

Пресметал ли некој колку пари од Македонија годишно изнесуваат српските фолк-ѕвезди? Одат ли на концертот на Цеца Ражњатовиќ оние што го осудуваат Јован за формирањето на ПОА? Мислам дека преку забраната на ПОА, всушност, македонските црковни и политички власти само придонесуваат за нејзина популаризација бидејќи сѐ што е забрането е интересно“…