„Отворено“, ТВ 24 Вести, 14 Март 2016 год.

Во телевизиската дебата, посочена во насловот, Зоран Бојаровски истакна дека во Р. Македонија нема верска толеранција, бидејќи не се почитуваат основните човекови права и верски слободи загарантирани со Уставот и со ратификуваните меѓународни документи, чии принципи за слободно практикување на верските слободи и здружување, по тој основ треба да ги почитува и овозможува државата, која себеси се нарекува демократска.

Наспроти ови декларативни определби, македонските институции грубо ги кршат основните човекови права и верски слободи, помеѓу другото и заради кршењето на уште еден уставно загарантиран принцип – секуларноста на државата. Имено, во Р. Македонија со години наназад се одбива регистрацијата на сеправославно признатата Православна Охридска Архиепископија само заради тоа што МПЦ-ОА, неканонската религиозна организација, дала негативен одговор, кога судот побарал мислење од нив во врска со правниот статус на ПОА.

Овој невиден апсурд во една декларативно секуларна држава, го имаат регистрирано и меѓународните организации и другите угледни институции кои ги следат остварувањата на човековите права и верските слободи во светот.

На ова потсети и Зоран Бојаровски во емисијата „Отворено“, кога цитираше еден дел од последниот извештај за човековите права на американскиот Стејт Департмент, во кој се истакнува дека „владата (во Р. Македонија, н.з.) ја фаворизира Македонската православна црква и дека владејачката коалиција во која доминира македонска партија со православна ориентација ја политизира верата за нејзини сопствени политички цели, повикувајќи се на верските уверувања и идентитетот на мнозинството во земјата и со помош на МПЦ.“

Зоран Бојаровски во својот настап во оваа емисија укажа на тоа дека во последните 14 години не поминал ниту еден единствен ден во којшто не се одвивал некој монтиран судски процес, во кој не се спроведува политички и медиумски прогон против Православната Охридска Архиепископија.

Излезот од оваа ситуација, Бојаровски го гледа во враќање на шансата пропуштена во раните деведесетти години, кога се втемелуваше независна Р. Македонија, и кога требаше да се изгради, врз основа на уставното уредување, граѓанска држава во која суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните, а не на етничките заедници.

Од Уставот треба да бидат избришани членовите, кои им даваат ексклузивитет на било која од вереските заедници, поентираше Бојаровски во оваа дебатна емисија.

https://www.youtube.com/watch?v=http://youtube.com/watch?v=xCR3QjW-zDA