Политичкиот назначеник (формулација на цивилизираниот свет за голем дел од македонските новинари), во случајов би додале и полицискиот назначеник, т.н. Бранко Ѓорѓевски, во најновото издание на весникот „Дневник“ (бр. 5933, од 05. 12. 2015 г.), пишува дека Епископот стобиски и Местобљустител струмички г. Давид ја клеветел МПЦ дека е комунистичка творба.

Но, Бранко Ѓорѓевски не наведува апсолутно никакви аргументи со кои ќе ги побие тврдењата на Епископот Давид дека одлуката за автокефалија на МПЦ всушност е одлука на Комунистичката партија на Тито. Бранко Ѓорѓевски само канта-тропа! Оттука, неговата единствена цел е да создаде смут и да предизвика омраза врз верска основа после која повторно ќе се лее крвта на припадниците на канонската Црква во Р. Македонија, Православната Охридска Архиепископија.

Бранко Ѓорѓевски ќе може да спори против реченото од Епископот Давид, откако ќе ги побие цврсто запишаните ставови кои ги предочуваме во продолжение:

– на будните македонски читатели (а, не на заспаните удбаши како Б. Ѓ.), пред отприлика три години, јавно им беше предочено непобитното тврдење на Емилија Црвенковска, ќерка на комунистичкиот лидер Крсте Црвенковски, којашто пишува: „најголема заслуга меѓу македонските комунисти за враќањето на автокефалноста на црквата во Македонија има мојот покоен татко Крсте Црвенковски“ („Фокус“, бр. 881, од 18. 05. 2012 г.). Овој нејзин став Емилија Црвенковска го заснова и на самите зборови на Крсте Црвенковски (напишани се во книгата „Заробена вистина“, Култура, Скопје, 2003, стр. 343).

– во нашата татковина, исто така, познати се мемоарите на Доне Илиевски објавени во книгата: „Смислата на некои отпори против автокефалијата на МПЦ“ (Скопје, 1970 г.), кадешто авторот недвосмислено предочува дека: „во 1967 г., на состанок на Централниот комитет на Комунистичката партија беше донесена одлука да се прогласи автокефална Македонска Православна Црква (МПЦ), која ќе ги прекине сите канонски врски со Српската Православна Црква!“ Во истата книга, Доне Илиевски, на страница 172, пишува:

„Некаде во пролетта 1967 г., во Белград еден собир на високи функционери Кардељ, Стамболиќ, Влаховиќ, Мијалко Тодоровиќ, Драги Стаменковиќ, Никола Минчев, Крсте Црвенковски се заклучи да се оди на нов собор на кој дефинитивно ќе се прогласи и возобнови старата Охридска архиепископија како автокефална црква, која прекинува со какви и да е натамошни канонски врски со СПЦ.“

Со оваа комунистичка автокефалија на МПЦ, прекинати се – доктринарната согласност и литургиското единство не само со СПЦ, туку и со сите останати помесни православни цркви, ширум светот. Да не заборавиме расколничката МПЦ не е непризнаена само од СПЦ, туку не ја признава ниту една помесна црква, која е нераскинлив дел од Соборното Православие.

Некои познати средства за информирање веднаш застанаа во одбрана на Епископот Давид од неаргументираните напади кои се спроведуваат против него во „Дневник“:

– Romfea.gr: http://www.romfea.gr/epikairotita-xronika/4862-epithesi-skopianis-efimeridas-se-orthodojo-episkopo

Едноставно речено, никој во расколничката МПЦ нека не очекува дека Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква ќе се поведе според одлуката на Комунистичката партија на Тито за комунистичка автокефалија на МПЦ. Таа „автокефалија“, во Соборното Православие, ниту некој ја признал, ниту ќе ја признае! На расколничките Епископи им претстои да се покајат за тоа што го направиле нивните претходници во 1967 г., и покајани за тој чин, да се вратат во Соборното Православие. Друг пат за нив, освен покајанието, нема!

Бранко Ѓорѓевски заборава да напише дека Епископот Давид истакнува дека тоа Единство, таа Соборност, без исклучок ги посакува секој во Православната Охридска Архиепископија и секој ширум Православието.

Засега овие се доволни, а се разбира, освен горенаведените, постојат и уште многу други докази за комунистичката автокефалија на МПЦ, но за крај, еве едно видео, во кое не Емилија Црвенковска, не Доне Илиевски, туку трета личност гордо нагласува: „Ние комунистите ја создадовме Македонската православна црква.“

https://www.youtube.com/watch?v=https://www.youtube.com/watch?v=K1Kv_KP7fow