Во недостаток на теолози од нејзиниот клир, синодот на расколничката МПЦ немо ги проследува случувањата околу сеправославниот Голем Собор, што ќе се одржи на Крит, Р. Грција, во Јуни, оваа година (на кој ќе учествува и автономната Православна Охридска Архиепископија). Поточно речено, ги проследува случувањата во агонија и низ призмата на единствените „теолози“ што ги има (Бранко Ѓорѓевски и Марјан Николовски), кои, пак, се поставени од редовите на политичките назначеници, како што релевантната меѓународна јавност го именува оној дел од новинарите во нашата земја, што се финансираат од политичари и застапуваат дневно политички интереси.

Инаку, овие двајца политички назначеници, кои од голема желба за сензационализам и овој пат сејат магла во јавноста, очигледно немаат основни познавања дека: дури и да е така, како што пишуваат во нивните текстови, а со сигурност не е така, треба да го знаат следново – ниту еден нов закон или правило, дури и во световното право, не дејствува ретроактивно, т.е. не важи за настани кои веќе се случиле во минатото. Тогаш, колку повеќе ова се однесува на Црквата, која не дејствува според дневно-политичките желби на одредени индивидуи.

На 29. 01. 2016 г., „Религија.мк“, која се определува себе си како: „интернет медиум кој нема да спори со верата и религијата, ниту пак е медиум кој ќе претендира да биде некаков вероучител“, објави текст со наслов „Српската автономија за Вранишковски е нелегитимна“ (контрадикторно, нели!). Истиот интернет медиум додава дека „е против секаков вид на говор на омраза, особено против говорот на омраза заснован на различна верска основа“, а постојано се користи со говор на омраза против канонската Црква во Р. Македонија, Православната Охридска Архиепископија.

Авторот на текстот Марјан Николовски, тврди дека автономијата на Православната Охридска Архиепископија „практично е нелегитимна“, затоа што „секоја автокефална црква може да додели статус на автономија само во границите на нејзината географска област“. Без било каква злорадост, заради основните промашувања кои ги прави авторот на текстот (или не го знае англискиот јазик, или некој лошо му превел), сакаме да предочиме дека тој е во голема заблуда кога ги поистоветува црковните граници со политичките. Во православниот свет недвосмислено е јасно дека границите на Српската Православна Црква не се поклопуваат со границите на Р. Србија. Во Томосот за автокефалија, којшто СПЦ го има добиено во 1920 г., како територија на нејзина црковна јурисдикција се одредува географскиот простор на поранешна Југославија и во границите на таа црковна јурисдикција СПЦ има право да издава томоси за автономија.

Следствено, не е точно дека „моќта на една автокефална црква е да доделува автономија само во географските граници на својата држава“. Еве доказ: Јапонија е посебна држава од Русија, но Руската Православна Црква ѝ има доделено автономија и Архиепископот на Јапонската Црква учествува во Архиерејскиот Собор на РПЦ; Финска е посебна држава од Турција, но Цариградската Патријаршија ѝ има доделено томос за автономија… и да не набројуваме понатаму, затоа што навистина немаме цел да го понижиме авторот на горепосочениот текст, туку правилно да го информираме и него, и јавноста (за, ако имаат капацитет, да сфатат дека автономиите на ПОА, на Јапонската, на Финската и на дугите автономни црква не се нелегитимни).

На истиот тој начин, Р. Македонија е посебна држава од Србија, но СПЦ ѝ има доделено томос за автономија на Православната Охридска Архиепископија. Тој томос е официјално однесен во Цариградската Патријаршија од делегација на СПЦ и ПОА, и испратен е до сите автокефални цркви, после што во Диптихот на Источната Православна Црква, Православната Охридска Архиепископија е внесена како автономна црква во јурисдикциската област на СПЦ (значи, дали е легитимен или нелегитимен томост за автономија на ПОА, може да се види од фотографијата во прилог на текстов: страници 1247 и 1248 од Диптихот на Православната Црква). А, може да се види и од фотографиите на кои Архиепископот охридски г.г. Јован сослужува со останатите Архиереји во Православието, бидејќи тој е титулиран како Архиепископ охридски и Митрополит скопски на автономната Православна Охридска Архиепископија.

Расколничката МПЦ се повикува на некакви одлуки од 1959 г., но ајде нека покаже дека тогаш им е издаден томос за автономија. Едноставно не е способна за такво нешто, бидејќи го нема. Тие одлуки автоматски се вон сила со издавањето на томосот за автономија на Православната Охридска Архиепископија, која, пак, може да го покаже тој томос, и која со задоволство ќе го сподели со расколничката МПЦ, доколку расколниците се покајат и се вратат во единство со Црквата. И уште нешто, земјите од поранешна Југославија не се третираат како дијаспора од страна на помесните православни цркви, и тоа е причината зошто ниту една православна црква не организира свој црковен живот, а тој да не е под канонската јурисдикцијата на СПЦ; еве, на пр. во Словенија, бидејќи секоја помесна црква ја смета Словенија за канонска јурисдикција на Пеќската Патријаршија, т.е. СПЦ.

Истите мантрања за автокефалијата ги гледаме („Дневник“, 29. 01. 2016 г.), и кај другиот „теолог“ на расколничката МПЦ, Бранко Ѓорѓевски, кој вели: „СПЦ ќе може да преговара со МПЦ само за давањето на автокефалниот статус…“, иако безброј пати и самите Архиереји од СПЦ имаат изјавено дека СПЦ не може да издаде томос за автокефалија, туку бездруго автокефалијата ќе биде прашање на сеправославен консензус.

За жал, овие двајца „теолози“ со кои расколничката МПЦ настапува во јавноста се како превртени чаши, та колку и да им се става знаење од бокалот на Православието, очигледно ништо не влегува во нивниот ум. Но, ние не се откажуваме од нив, туку, еве, ги повикуваме овие наши ставови да ги проверат во Руската Православна Црква, во која друга црква сакаат, па нека ги проверат и со некого од расколничката МПЦ, ако воопшто имаат со кого!

За жал, расколничката МПЦ останува на „ничија земја“ и за неа станува опасно да се помрдне, а во утврденото лежење на темпираниот раскол засега и помагаат нејзините политички назначени „теолози“.

Патот на МПЦ во единство со Православието води само преку автономната Охридска Архиепископија. Во спротивно расколничката МПЦ, како што денес ја нема, така и никогаш нема да се појави на картата на Православието, туку ќе си остане само една државна религиозна организација, нешто слично како англиканската црква, со таа разлика што расколничката МПЦ секогаш за поглавар ќе има политичар со ограничен временски мандат.

arhiepiskop Jovan vselenski patrijarh

arhiepiskop Jovan erusalimski patrijarh hristov grob

diptih