Поглаварот на расколниците г. Стефан, испратил писмо до канонските православни Епископи во кое го клевети Неговото Блаженство Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован и упатува закани до него и до останатите Епископи на Православната Охридска Архиепископија.

Во оваа прилика го објавуваме одговорот на Високопреосвештениот Митрополит Сисаниски и Сијатиски г. Павлос од Црквата на Елада, во којшто, помеѓу останатото, овој Митрополит на г. Стефан му го предочува и следново: и во путирот пред кој „служите“ не се наоѓа Крвта Господова, туку крвта на вашиот брат кого го убивате и таа крв засекогаш ќе ве оддели од Канонската Црква.

До:
оној што незаконски го држи тронот
на Архиепископијата Охридска и
што лажно ја води непостоечката Македонска Црква
г. Стефан

 

г. Стефане,

со изненадување и болка, и без да ви го побарам, го примив писмото со кое се обидувате да го оправдате неоправдливото и се нафрлате против единствениот Канонски Епископ Охридски г. Јован.

Згора на сѐ, тргнувате со една мала измама. Пишувате: „во прилог Ви ги доставуваме информациите за криминалните активности…“.

Кога г. Стефане ви испратив писмо, па да итате да ми одговорите? Зошто би испратил писмо до вас, кога не го признавам вашето црковно постоење и лажната црква што ја водите ја сметам како црковно непостоечка? Кој ви кажа дека ве сметам за валидно лице за да побарам од вас информации?

Се обидувате на овој измамнички начин да постигнете едно непосредно признавање и да оставите да се смета дека јас или било кој друг Архиереј од Црквата на Елада разговара со вас. Вашиот начин со измама изобилува.

Единствената вистинска причина за прогонот на Охридскиот Јован е дека тој е единствениот Канонски Епископ, којшто е признат од сите Православни Цркви. Значи, се обидувате во содејство со државата да го уништите. Зборувате за негово расчинување. Зар може една црква којашто НЕ е Црква да избира или да расчинува? Црквата не е куклен театар.

Што се однесува на обвинувањата и пресудите, не заборавајте дека со слични одлуки судот на беззакониците го осуди, го затвори и го распна Господа.

Митрополитот Јован не припаѓа на јурисдикцијата на една непостоечка црква, туку на Патријаршијата Српска. Црковно, никаква власт немате над него.

Вие се наоѓате во црковно неопределена состојба. Вие на неканонски начин се одделивте од вашата мајка Црква, Патријаршијата Српска, и се обидувате насилно да постигнете признавање.

Се обидувате со силата на државата и со наместени, лажни судења да го скршите Митрополитот Јован, но и оние кои го следат на канонскиот пат, изрекувајќи закани во вашето писмо против нив. Единственото, според вас, нивно „беззаконие“ е дека не ве следат, почитувајќи ги теологијата на Црквата и нејзиниот канонски поредок и предание.

Се претставувате за Архиепископ на една непостоечка црква, но и во путирот пред кој „служите“ не се наоѓа Крвта Господова, туку крвта на вашиот брат кого го убивате и таа крв засекогаш ќе ве оддели од Канонската Црква.

Сите низ светот, коишто протестираат против гонењето на Охридскиот Јован не очекуваат од вас да добијат информации, којшто сте соучесник во неговото уништување. Во историјата на Црквата, однесувања какво што е вашето, се познати. Тоа се однесувања на беззаконици наспроти праведните.

Вашиот лажен облик, што го нарекувате „Македонска Црква“ е експозитура на една држава која ја узурпира вистината и историјата и нема никаква врска со Црквата Христова.

Колку што вие ќе ја продолжите вашата безбожна тактика и неканонскиот ваш пат, колку што ќе опстојувате да го кинете хитонот Христов од светски причини, колку што ќе „благословувате“ еден фалсификат како доказ на вашата „државна“ доблест, зборот ваш ќе скита низ воздухот, вашата „христијанска“ вера ќе биде идеологија, а гонењето на Митрополитот Охридски Јован ќе биде печат на вашата нечовечност. Значи, вашето писмо јавно го враќам како неприфатливо.

Со болка,
+ Митрополит Сисаниски и Сијатиски Павлос
посветено на споменот на вечнопамјатниот мој претходник
од Сијатиста Архиепископ Охридски Зосим

Оригиналниот текст на македонски: poa-info.org

Извор: romfea.gr