Неодамна на некои интернет портали беше објавена фотографија, на која се гледа како на осамениот во раскол и непризнатиот во православниот свет г. Стефан лицето му е зацрвенето, а главата клапната во некој ресторан „познат по гулаш од срнечко месо и колбаси од мечка“.

Очигледно, тој не е свесен дека позади него се фотографира група луѓе, ставајќи го Стефана во кадар како некој елен капиталец.

Деновиве г. Стефан испратил писмо до „Плусинфо“, до „Либертас“ во кое на новинарите им се заканува со судски процес доколку не му се извинат, бидејќи со објавувањето на фотографијата го нарушувале угледот на непризнатата МПЦ.

Кога медиумите пишуваат невистини за сеправославно признатиот Архиепископот охридски г. Јован и за Православната Охридска Архиепископија, тогаш тие се најдобрите медиуми за г. Стефан, тој ликува и му годи пропагандата против канонската црква, но ако ја кажат вистината, за од страна на православието непризнатите еМПеЦе-овци, тогаш тоа не му се допаѓа и тргнува во одбрана на кожичката.

Стефан треба да знае дека тој не може да се крие зад православната вера и дека објавувањето на фотографијата не може да биде навреда за православната вера, бидејќи тој и православната вера се два различни поими. Кратко и јасно г. Стефан е во раскол со православната вера. Криењето зад православната вера му е лага за по куќу. Тој треба да знае дека неовинарите не ги соблазнуваат неговите верници еМПеЦе-овци, туку самиот г. Стефан ги соблазнува, со двапати продавањето на хотелот „Изгрев“ (случајот за тој криминал седи во фиока и власта го уценува Стефана да игра ко што му свират или тој ќе „свири“ во ќорка), г. Стефан го соблазнува народот со Говрлево, г. Стефан го соблазнува народот со скапите коли, со кафанските теревенки, со…

А најмногу од сѐ, го соблазнува со тоа што се лешкара во расколот и не си го поставува прашањето, што ќе му одговори на Бога кога ќе застане пред него, а сите ќе застанеме, што ќе му одговори зошто допуштал луѓето да му се упокојуваат во раскол, во кој според учењето на црквата нема спасение. Некој можеби верува дека има, но учењето на црквата е јасно, зашто според свети Кипријан Картагински – „надвор од црквата нема спасение“, а за жал непризнатата МПЦ под раководство на г. Стефан е надвор од Едната Света Соборна и Апостолска Црква.

И наместо да се зафати конечно да си го среди проблемот, г. Стефан се заканува со судови. Во последниве 14 години не поминал нити еден ден во кој не траел некој затвор или судски процес за Архиепископот охридски г. Јован и припадниците на ПОА. Зад тие затвори и судења стои г. Стефан. Сега г. Стефан почна да им се заканува и на новинарите со судски процеси. Тој и ништо, ама баш ништо друго не гледаме дека прави, освен што тужи по судови, па како на дел од власта му се угодува и се донесуваат пресуди во негова корист и стрпува луѓе во затвор.

Човек да се праша дали можеби г. Стефан ја утнал професијата.