Ние исповедаме една Црква, а сè останато се ереси и расколи.

Сметам дека давањето име: „Црква“, за еретичките и расколничките заедници, е апсолутно неправилно и богословски, и догматски, и канонски, зошто постои една Црква Христова, па не можеме, еретичките и расколничките заедници или групи да ги нарекуваме Црква.

Кога и во кои текстови од светите канони и одлуки на Вселенските или Помесните Свети Собори, нашите Свети Отци ги нарекувале еретичките и расколничките заедници со името Црква? Ако ересите и расколите се Црква, тогаш каде е Единствената Црква Христова?

Со смиреност сметам дека е од исклучителна важност, текстовите на Светиот и Велик Собор на Православната Црква да бидат формулирани многу внимателно и прецизно од богословски и канонско-правен аспект, за во нив да нема нејасни или непризнати богословски термини и погрешни формулации, кои можат да доведат до погрешно сфаќање и извртување на вистинското исповедање на Православната Црква.

Едноставно, некои христијани избраа друг пат, кој се разликува од правата Православна Вистина. Според тоа, нема цркви и конфесии, туку ги има само оние, коишто си отидоа од Црквата, и нив треба да ги нарекуваме еретици и расколници. Со други зборови, не постојат други цркви, туку постојат само ереси и расколи, ако сакаме да бидеме терминолошки прецизни. Православната Црква молејќи се непрестајно за „соединување на сите“, во вид го има враќањето, и нашето единство со оние, кои себеси се отсекоа и оддалечија од Црквата – еретиците и расколниците, и кои се враќаат со покајание кон неа. Зошто, единствен пат кој води кон единството со Црквата е патот на повратникот: еретик и расколник – низ покајание под закрилата на Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква.

Затоа сметам дека вистината треба да биде формулирана прецизно и јасно, и се разбира со пастирска грижа. Должни сме, да бидеме апсолутно искрени кон нашите браќа кои се наоѓаат во раскол или ерес, со љубов и болка да се молиме за нив, и да правиме сè што е во наша моќ за нивно враќање во Црквата Христова.