На 07.02.2014г. во „Вечер“ (бр.15501), беше објавено интервју со младиот расколнички митрополит Јосиф од Тетово. Во неговите одговори тој ја изопачува вистината и покажува основна црковна неписменост. Истовремено сведочи за несогласието што постои во расколничката МПЦ, ако се земе предвид неодамна изречениот став на поискусниот и поупатениот расколнички митрополит Тимотеј, кој неколку дена подоцна, на 11.02.2014г. за Дојче Веле недвосмислено изјави дека: „одамна е јасно дека признавањето на МПЦ-ОА треба да стигне преку СПЦ“.

Овој непобитен факт изгледа не му е познат на младиот и неискусен расколнички митрополит Јосиф, па тој со неговото неискуство само долева масло во огнот на проблемот што го има и популистички ја обвинува СПЦ изјавувајќи дека „СПЦ еднострано одлучила да го прекине решавањето на наводниот спор“ и додавајќи дека „МПЦ е организирана црква со капацитет да одговори на предизвиците“. Ако спорот е наводен како што вели Јосиф, што ли бара тогаш тој и не ли упатува таквиот став токму на негов внатрешен расцеп.

Каква уште порака испраќа овој млад расколнички митрополит со неговите наивни одговори? Прво, испраќа порака дека на пример вевчанската парохија, која е исто така организирана, има капацитет да направи црковно народен собор. Ќе се соберат поповите и одборниците, епископ ќе си најдат, како што некогаш од Белград беше најден=киднапиран Доситеј или уште полесно како сега Мираш Дедеиќ во Црна Гора, а потоа лесно ќе се самопрогласи и Вевчанска Православна Црква (ВПЦ), се разбира автокефална, која исто така ќе биде организирана црква. Потоа ваквата црква ќе бара да биде призната од сите канонски цркви, а истовремено ќе вели дека и самата е канонска и дека спорот е наводен. Само оваа идеа да не стигне до вевчанци, бидејќи можно е лесно да ја спроведат на дело. Ете, со зборовите на Јосиф, таква порака испраќа денес расколничката МПЦ во православниот свет. Порака за хаос и анархија.

Овој расколнички митрополит уште вели и дека „МПЦ во ништо не се разликува од другите православни цркви“. И те како се разликува и тоа станува збор за суштинска разлика. Сите други цркви се во литургиско и канонско единство, а МПЦ го нема тоа единство, па токму затоа е означена како шизматичка организација. А се разликува и по тоа што ниту една друга црква не добила „автокефалија“ од комунистички собир на нахушкани попови и на комунистички пратеници, без епископ. Да бидеме на чисто – такво нешто се нема случено со ниту една друга црква. Затоа МПЦ ќе треба да покаже прво покајание за комунистичкото минато, а второ ќе треба да покаже дека и денес е слободна од цврстата прегратка на истата комунистичка матрица во сегашната државна безбедност.

Познато е дека после потпишувањето на Нишкиот договор, монасите на расколничкиот митрополит Наум лобираа во полза на потпишаниот договор, отворено конфронтирајќи се со други монаси и свештеници од МПЦ, како што сега Јосиф се конфронтира со Тимотеј. Што или кој ги замолча тогаш монасите од струмичката епархија на расколничката МПЦ и до кога ќе молчат?