Изненадувачка е упорноста на некои христијани да не се причестуваат редовно. Тоа личи на лош сон… Во далечните времиња царевите гонители издавале закони со кои им забранувале на христијаните да се причестуваат, та христијаните оделе во пресрет на смртта, само за да би учествувале во Евхаристијата. А многу современи христијани се борат за правото да не се причестуваат. И таквото право ѝ го препишуваат на најправилната и најверната традиција. А тоа е монструозна традиција.

Тоа само говори за тоа дека христијанството престанало да биде христоцентрично. Христијаните престанале да го чекаат Христа. Тие се плашат од Христа, не сакаат тој да дојде. Се молат да се одложи доаѓањето на Антихристот. А во суштина да се одложи доаѓањето Христово. Го бранат правото на што поретко соединување со Христа. Сето ова говори не за некое посебно благочестие туку за длабочината на изобличувањето на духовниот живот, кога обичаите и традицијата стануваат повредни од Христа.

Христос ги повикува верните на секоја Литургија на празникот на верата. Но, сите до еден обесхрабрени наоѓаат изговор – купив волови, се оженив, јас купив нива, не ги прочитав каноните, јас не постев три дена, јас сум во нечистота, повеќе од неколку пати годишно не би требало… Страшни зборови произнесува Господ како одговор на овие изговори коишто само сведочат за одбивноста и презирот кон Господа: „ … никој од оние кои се повикани нема да вкуси од мојата вечера, бидејќи мнозина се повикани, но малкумина се избрани“.

Една од причините зошто станав свештеник, беше фактот дека свештеникот е во можност да се причестува на секоја Литургија. За мене Причеста е слична на воздухот и водата. Без неа почнуваш да се гушиш, венееш. Веројатно многу христијани го имаат токму овој однос кој оваа Голема Тајна. Ако некој не чувствува потреба често да се причестува тоа е негово право, немојте да се причестувате, но зошто тоа не им го дозволуватe на оние кои навистина копнеат по Христа, кои без Него ќе се угасат како кандило без елеј. Бидејќи за тоа и Христос вели: „сами не влегуваат и на другите не им даваат да влезат“. 

Немојте да мислите дека ако дозволите секоја недела причестување дека сите кон Чашата одеднаш ќе поитаат. Јас на никому не му забранувам да се причестува секоја недела. Некои поединци само се израдуваа на оваа можноста, а мнозинството кое не се причестуваше, така и не се причестува. Не им треба Христос – нивна работа. Длабоко сум убеден – причината на таквиот презирлив однос кон Евхаристијата е револуцијата и прогонот на верата во Русија. Бројот на храмовите во Русија е еднаков на бројот на оние кои се причестуваат. Да, историјата нѐ учи на тоа, дека таа никого не го учи на ништо.

Превод: Јеромонах Мојсеј