Неговото Блаженство Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован на 17-годишнината од епископската хиротонија изговори вдахновена омилија, во која истакна дека страдањето за единството, коешто паѓа на припадниците на канонската Архиепископија, не е за срам, туку за секоја пофалба.

Верните на Охридска Архиепископија можат да го поместат тоа страдање за подоцна, на пр. некоја друга генерација да го поднесе страдањето за единството. Но верниот народ не ја отфрли волјата Божја, расколот конечно да биде решен. Архиепископот г.г. Јован впечатливо посочи: „Со вашата вера Вие направите мост по кој некој само ќе гази без интерес за тоа кој го направил, но некој ќе биде свесен и дека без тој мост животот би му бил многу потежок“.

Архиепископот г.г. Јован во својата омилија го упати и следниов повик до припадниците на Охридската Архиепископија: „Ве повикувам денес сите заедно, но ве замолувам тоа да го правите и секој од вас поединечно, да се помолите за оние наши браќа кои сè уште чмаат во раскол. Тие се наше тело и наша крв, и нема да бидеме мирни додека и нив не ги причислиме на телото Христово. Живеејќи толку многу децении надвор од Црквата тие всушност не се свесни за нивната незавидна состојба. Но, ние кои сме свесни за смислата на единството, ние кои сме свесни дека без единство со Црквата нема единство ни со Бога, ние да се помолиме за нив. Постојат тешки состојби во кои може човек да западне, а при тоа да не може ниту да се помоли од таму да излезе. Има некои тешко болни кои заради тежината на болеста немаат ниту молитва. Речиси истото се случува и со духовно болните што пребиваат во раскол. Ретко кој од нив може да се помоли Господ да му помогне да излезе од расколот. Затоа ние да се помолиме за нив, ние да го бараме од Бога за нив она што ни самите не го бараат, секако од незнаење.“

arhiepiskop hovan 17 godini hirotonija 03

Во својата омилија, Архиепископот г.г. Јован го нагласи и следново: „Седумнаесет години сум архиереј. Четири во ерархијата која сè уште нема единство со православните Цркви, и тринаесет други во канонската ерархија на Црквата Божја. Од тие тринаесет години повеќето ми поминаа во судски процеси, во прогонство или во затвор. И човек може да помисли, кога тогаш ја направивме оваа убава градина, со разнобојни и миризливи цвеќиња, каква што сте вие?

Не, скапоцени мои сослужители и браќа по епископство, не возљубен народе Господов, оваа градина не ја засадив јас, оваа градина е Божја и тој се грижи за неа. Мене ме постави само да пазам некој да не ги гази тие цвеќиња без нивна волја, да не ги кине уште нерасцветани и да не ги фрла во оган. Но, не да ги пазам возвраќајќи на грубоста со грубост, туку со сопствен пример да им покажам како и по сто пати на ден да нè газат, ако имаме смирение, никогаш нема да нè прегазат. Да им покажам дека и по сто пати на ден да нè понижуваат нема да успеат да нè понижат, ако претходно сами себе сме се унизиле и не мислиме за себе дека сме нешто повеќе од тоа што навистина сме.

Со тој меч на смирението се победуваат сите, и пријателите и непријателите. Пријателите за уште повеќе да нè возљубат, непријателите зашто ќе бидат немоќни да ни направат нешто на кое нашето смирение претходно не нè извежбало да го поднесеме.

arhiepiskop hovan 17 godini hirotonija 02

Интегралниот текст на омилијата на следниов линк:

http://www.poa-info.org/arhiepiskop/omilii/20150720.html