Универзалната Декларација за човекови права е акт усвоен од Генералното Собрание на Обединетите Нации, на 10 Декември 1948 год., во Париз. Средставата за информирање истакнуваат дека денес, нејзиното историско значење претставува иинспирација за одбележувањето на човековите права ширум светот.

Сите луѓе се раѓаат слободни и еднакви по правата и достоинството! Но, за жал во Р. Македонија некои луѓе се „поеднакви“ од другите!

Уште еднаш ги поставуваме нештата на точниот колосоек. Ја потсетуваме јавноста на Членот 18 од Универзалната Декларација, кој гласи: Секој има право на слобода на мисла, совест и религија; ова право ја содржи и слободата за промена на својата религија или убедување како и слободата за изјаснување на религијата или убедувањето, самостојно или во заедница со други, јавно или приватно, преку учење, практикување, богослужби и културно делување.

Властите во Р. Македонија упорно ја прекршуваат Универзалната Декларација и затоа во очите на цивилизираната јавност Р. Македонија останува делумно слободна земја, без политички и интелектуален капацитет подеднакво да ги гарантира правата и слободите на сите свои граѓани.

Забораваат дека, со ратификувањето на декларацијата, Република Македонија е должна да им ги испорача сите човекови права, секаде, секому и секогаш.

На оваа страница се развиваат дебати во кои често од поединци се истакнува дека расколничката МПЦ е столб на државноста на Р. Македонија! Тоа, бездруго не е точно, бидејќи столб на државноста се Уставот и законите. Барем би требало да бидат. Но, дури и властите да ја сметаат расколничката МПЦ за столб на државноста, еве, да речеме нека им биде, сепак тие немаат право, согласно на горенаведениот Член 18, да им ја оспоруваат сободата на избор на граѓаните кои едноставно не сакаат да припаѓаат на расколничката МПЦ, туку припаѓаат на канонската Црква во Р. Македонија, Православната Охридска Архиепископија. Зар властите и душегрижните припадници на МПЦ имаат фашистички менталитет и сакаат на сила да ги туркаат луѓето во „државотворната црква“! И, зар тие кои нема да успеат да ги турнат, ќе ги влечат цел живот по затвори и судови, истовремено одбивајќи да ја регистрираат Православната Охридска Архиепископија во истите тие судови кои им пресудуваат на припадниците на оваа канонска Црква! Тоа било и останува вон умот!

Цивилизираниот свет се води според девизата: богатство во различностите! Ги повикуваме властите час поскоро да се приклучат кон овој пристап кон животот.

Овој апел е упатен и до слободоумната јавност во Македонија. Таа и понатаму треба енергично да се спротивставува не само на менталитетот на локалните, клаустрофобични промотори на ксенофобијата, туку да им се спротивстави буквално на сите застапници на таквите позиции.

Сите ние треба да се залагаме да ја извлечеме Република Македонија од жолтите полиња на неслободата.

Никој нема ништо против тоа МПЦ да постои така како што самата ќе си избере да постои, но и никој нема право да ѝ го оспорува постоењето на Православната Охридска Архиепископија во Р. Македонија. Порано или подоцна тоа секому ќе му стане јасно! За секого е подобро тоа да биде порано!