На интернет заскита едно сомнително соопштение кое сака да рече, ама не знае да каже. Соопштението е насловено како „Апел од МПЦ“ со датум 14 април 2016 г. и во него се повикува – интересите на државата да не се судираат на улиците.

Останува непознато дали е ова соопштение од расколничкиот синод на непризнатата МПЦ или некој го злоупотребува името на оваа расколничка организација, генерализирајќи дека само тој е МПЦ, како вчера, помеѓу големиот број демонстранти, да немаше припадници на МПЦ. Или можеби навистина тие граѓани не се МПЦ? И која е МПЦ да ги третира граѓаните како неспособни сами да размислуваат и да им го оспорува демократското право на протест?

Во тоа сомнително соопштение се вели:

„Нам секогаш ни се случува тоа – нашето неединство да се употребува против нас самите! Како најмногу да размислуваме на тоа – како да му се наштети на оној што поинаку мисли!“

Па тоа наштетување прва го измисли и прва го промовираше расколничката МПЦ, која осум пати го стави Архиепископот охридски Јован во затвор, само затоа што тој размислуваше поинаку во однос на решавањето на проблемот на расколот во кој МПЦ, за жал, секој ден сѐ повеќе потонува!

Исто така, во ова соопштение на расколниците се вели:

„во деновите на Велигденскиот пост… Македонската православна црква повикува на смирение, добра волја и меѓусебна љубов“.

Е, ова ја надминува секоја мерка на пристојност. Лицемерите од расколничката МПЦ, од една страна повикуваат на „меѓусебна љубов“, а од друга страна, во деновите на Великиот пост учествуваат во судскиот процес, закажан токму во Великиот пост, против Архиепископот охридски Јован, двајца Епископи, свештеници, монаштво и припадници на Православната Охридска Архиепископија. Расколниците имаат толку многу „добра волја“ што на следното рочиште во текот на Великиот пост испраќаат и свој расколнички свештеник да сведочи против Православната Охридска Архиепископија, само затоа што канонската Црква во нашата татковина размислува различно од расколничката МПЦ.

Од 1967 г. расколничката МПЦ претставува владина агенција за религиозни прашања само на дел од граѓаните на Р. Македонија. Тоа е нејзиниот плафон. Со мала разлика, а тоа е дека во другите владини агенции нема толкав степен на лажна побожност и лицемерие.