episkopot-david-vo-grcija

Деновиве сме повторно сведоци на еден куп незрели и достојни за потсмев искази на политички назначените новинари во однос на црковните случувања во нашата татковина.

Некој/а си Е.А. во „Вечер“ (бр. 15536) од 28 март 2014, пишува дека расколничката МПЦ во претстојниов период ќе обрнела посебно внимание да го обнови процесот на преговорите, и тоа особено со Српската Православна Црква. Значи, со Црквата по која постојано неосновано плука. Истовремено, расколничкиот поглавар Стефан нагласил за „Вечер“ дека „случајот Вранишковски е инсталиран за разнебитување на МПЦ и дека е длабоко криминализиран“.

Слични мантри по службена должност си повторува и веќе анегдотно црковно неписмената новинарка Радмила Заревска во „Нова Македонија“ (бр 23139) од 31 март 2014, која ги поставува работите така како сѐ да е веќе средено за неканонската МПЦ и дека сега православните треба само да се договорат кој ќе ѝ го потпише томосот, Вселенската патријаршија или сите патријаршии заедно. Ова е досега невиден инфантилизам. Истовремено, Радмила не си одговара на прашањето кое сама си го поставува: „каде е гревот на МПЦ“?

Гревот на МПЦ е во зборовите на расколничкиот митрополит Стефан објавени во цитираното издание на „Вечер“. Тој сам си одговара дека нивниот проблем има чисто политичка позадина и не греши во тоа. Во Православието е познато дека МПЦ е политичка црква создадена од Комунистичката партија во 1967, за да има политичка а не црковна функција. Затоа Православието чека расколничката МПЦ да се покае за тоа што го направи во 1967. Не Соборното Православие, туку токму таа комунистичка одлука ја разнебитува Македонската Политичка Црква (МПЦ), бидејќи времињата се сменија, комунизмот падна и сега постоењето на една таква политичко-аутистична МПЦ станува тотално бесмислено во околности на обединување на Европа, на бришење на граници и зголемена циркулација на луѓе, идеи, случувања. Плус, МПЦ и по дома си ја губи битката со менувањето на демографската структура на населението на штета на нас Македонците.

Веројатно, на достоинствениците на МПЦ и не им е баш гајле за тоа, бидејќи тие си живеат на висока нога, та зошто би се секирале за народот. Згора на тоа, Стефан уште бесрамно ЛАЖЕ за „Вечер“ дека негови архиереи, но НЕ и тој самиот, сослужувале со архиереи од други помесни цркви. Е, овие лаги, според кои архиереите на расколничката МПЦ служат со други, а архирасколникот Стефан не служи, се многу индикативни, ајде да не употребиме некој потежок медицински израз. Како не му е срам да лаже за нешто што кај нас дури и врапчињата го знаат – со архиереите на расколничката МПЦ никој не сослужува, бидејќи тие едноставно не се канонски православни архиереи! А, за тоа дали случајот Вранишковски е криминализиран Стефан еден ден ќе треба да си даде одговор пред Бога, бидејќи очигледно тука на земјата си ја ужива цврстата политичка прегратка. Сепак за криминализираниот Стефан некој се осмелува да проговори.

Новинарката Сашка Цветковска за „Фокус“ (број 863), од 13 јануари 2012, напиша „ако огромниот имот на Ватикан не е никаква тајна за католичките верници, оној на МПЦ не е за во јавност. Платите, приходите од продажба и оние од пеење по венчавки и по погреби, како и донациите од верниците, остануваат – света тајна! За пред Бога не знаеме, ама пред законот – душите им се невини. Аферата „Изгрев”, тешка ШЕСТ (6) МИЛИОНИ ЕВРА, фрли дамка врз МПЦ и врз архиепископот Стефан. Но, освен „дамката”, замрсениот случај заврши без никаква одговорност за црквата“. Тужбите за Стефан сигурно се во фиока и тој сега е само една обична владина марионета, бидејќи во спротивно којзнае каде може да заврши. Стефан сега веројатно би ги жртвувал и неговите браќа архиереи, и народот, само да не ја изгуби својата лична удобност.

Луѓе свестете се, Архиепископот охридски Јован, без вина, во последниве единаесет години по седми пат е затворен, а осуден е и на осма затворска казна. Некои новинари велат дека тој дар неканонската МПЦ да гони никој не може да ѝ го одземе, поистоветувајќи ја дури и со Бога! Но, на секого треба да му биде недвосмислено јасно тоа што му е јасно на цело Православие – додека Архиепископот Јован се наоѓа во затвор, и додека трае судскиот прогон врз Епископите, монаштвото и верниците на ПОА, сѐ ѝ е џабе на расколничката МПЦ, а тоа е очигледно од последниве 12 години, кога во очите на православниот свет таа стана орган за прогон на канонската Црква! Дали во последниве 12 години расколничката МПЦ успеа да го убеди православниот свет дека Архиепископот Јован не е во право? Не успеа. Успеа да го убеди православниот свет во својата мантра дека ПОА е неуспешен проект? Не успеа. Сѐ неуспех до неуспех.

Затоа, луѓе од МПЦ, вие браќа верници и вие расколнички епископи, конечно освестете се. Кога гледате дека прогонот не ви вродува со плод, не продолжувајте така, оти веќе сте окарактеризирани како оние кои повторно го распнуваат Христа, преку затворите на Архиепископот Јован и прогонот на ПОА, т.е. Телото Христово!

Свртете нова страница, не одете со глава низ ѕид оти од тоа ве болат главите, научете се што е тоа Црква и за првпат покажете човештина.

Фотографии: ако Стефан не лаже за сослужувањата нека повели да покаже фотографии. Додека тој ја турка расколничката МПЦ во уште поголема пропаст, нашите Владици сослужуваат со целиот православен свет: Архиепископот Јован во Цариград, Епископот Јоаким во Црна Гора, Епископот Марко во Бугарија, Епископот Давид во Грција, со Епископи од Цариград, Јерусалим, Антиохија, Украина, Србија, Романија, Бугарија, Грција, Полска… и со кој памет расколниците епископи и новинари мислат дека некој во православието би бил против ПОА, а во полза на некоја си политичка црковна организација каква што е МПЦ?!

arhiepiskopot-jovan-sosluzhuvanje-so-vselenskiot-patrijarh

episkopot-joakim-vo-crnagora

episkopot-marko-vo-bugarija

episkopot-david-vo-grcija