„Повеќе треба да Му се покоруваме на Бога, отколку на луѓето“ (Дела Апостолски 5. 29). Тоа е Уставот на Православната Црква, нејзиниот вечен и неменлив Устав, Сѐ-устав, нејзиниот вечен и неизменлив Став, Сѐ-став. Тоа е нејзиниот прв одговор на гонителите на Црквата. Тоа е и нејзиниот одговор на сите гонители, низ сите векови, до Страшниот Суд.

За Црквата, на прво место секогаш е Бог. Човек може да им биде послушен на луѓето сѐ додека тие не се противат на Бога и Божјите закони. Но, штом истапат против Бога и Неговите закони, Црквата мора да одговори, да се спротивстави. Не прави ли така, зар е Црква? И претставниците на Црквата, не прават ли така, зар се апостолски претставници на Црквата?

Со овие зборови светиот Јустин Келијски го разоткрива предавството на Црквата Христова, коешто го прават разните расколи со кинењето на хитонот Христов, со отстапување од спасоносното единство на Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква.

Во 1967 г. МПЦ се покори пред одлуките на Комунистичката партија и од тогаш се наоѓа во раскол со целото Православие. И што направија нејзините великодостојници до денес во решавањето на нивниот проблем со расколот? Дојдоа до таму, од една страна цел православен свет да ги смета и за расколници и за гонители Христови преку прогонот на Архиепископот Јован и на канонската Православна Охридска Архиепископија, а од друга страна тие помеѓу себе да се доведат до состојба на целосен мисловен расцеп.

Дојде и тоа време расколничкиот митрополит Петар да му вели на неговиот колега, расколничкиот митрополит Тимотеј дека е расколник. Расколничкиот митрополит Петар за една телевизија, очигледно без претходно добро да размисли изјави: „може да се каже слободно дека владиката Тимотеј е поглавар на расколничка организација“. А Петар, во нивната расколничка литургија служи заедно со Тимотеј и е во ист раскол со него. Па сега, самите читатели нека му ја проценат мислата.

Ете тоа се плодовите на расколот. После вакви истапи, луѓето што размислуваат критички сами нека си одговорат каде води расколот и на кого му се покоруваат расколничките великодостојници и стадото што нив ги следи.