Димитар Мирчев уште во првите редови на својата колумна, во која трага по одговорите зошто јавниот и медиумскиот простор кај нас со „претеризам“ (терминот е на Мирчев), е монополизиран од МПЦ, се откажува да го види одговорот во Православната Охридска Архиепископија (ПОА), не препознавајќи дека единствената канонска православна Црква кај нас, меѓу другото, има за цел да ја оттргне од прегратките на политиката, црквата, која таму ја ставија политичарите.

Таа прегратка денеска е врвната илузија со која веќе 50 години се манипулираат верниците на МПЦ, на кои им е ускратено литургиското и канонско единство со сите помесни православни цркви. Најдалеку од таа прегратка свештениците на МПЦ можат да отидат само кога на политичарите им служат како декор за Коледе, или кога се фрла крстот, значи само за време на адетите… А Мирчев, како советник на претседателот на државата, е во позиција да го советува по прашањата на секуларизацијата и (зло)употребата на верските чувства на граѓаните во политички, и само политички цели.

Всушност за каква автокефалија или самостојност се залагаат од МПЦ, кога не сакаат да се ослободат од прегратките на нивните политички спонзори, со кои заедно монтираат политички судски процеси против Архиепископот охридски г.г. Јован, само заради тоа што, спротивно на волјата на политичарите и на некои од врвот на МПЦ, ја внесе Црквата во Р. Македонија во литургиско и канонско единствон со сите помесни православни цркви.

И уште нешто: Мирчев во колумната во „Дневник“, покажува непознавање и неинформираност за тоа зошто ПОА е единствената канонска црква во Македонија, но, затоа пак, демонстрира еден крајно застарен манир – „балкански шпиун“, со паранојата дека ПОА е „вонзаконски ’инјектирана’ српска црква“!

Освен сето претходно, професорот по социологија, наука која меѓу другото ги изучува слободите на граѓаните во општеството, заборава дека сѐ додека во Република Македонија има макар и еден, само еден човек кој не може да си ги оствари своите политички, верски и други човекови права, таа ќе биде делумно слободна земја, како што ја квалификува Фридом Хаус.

Во таа смисла, би сакал, професорот Мирчев од одговори на прашањето колку е слободна една земја кога е делумно слободна?