Деновиве во медиумите излезе уште еден, пропагандистички, без содржина памфлет, кој повторно се занимава со Православната Охридска Архиепископија. Автор на текстот е дежурниот одработувач на валканите работи, познатиот „експерт“ за црковните прашања, г. Бранко Ѓорѓевски, во чии написи никогаш како страна нема да ја чуете Црквата, туку еднострано, само ставовите на истите партиско-полициски структури, кои го создаваа расколот во нашата татковина.

Во неговиот памфлет, Бранко вели дека според сознанијата, приврзаниците на ПОА биле незадоволни заради тоа што не биле поканети на Светосавската академија! Но, овој „експерт“ не наведува од каде му се тие сознанија или кој му ги соопштил?

Поентата на мојот текст, ако Бранко знае да го прочита без својот расколнички диоптер, е дека е непристојно некој да слави црковен светител без Црквата и да го сведува само на национален празник, а станува збор за сеправославен празник. Па, свети Сава, беше прославен и во Јапонската Православна Црква, значи со Соборната Црква, а овдешните нецрковни Срби од него прават фолклор.

Иако како дел од верниците на ПОА, веќе изнесовме став по однос на одбележувањето на свети Сава, не гледаме за проблем уште еднаш да повториме некои работи.

Имено, за очекување беше кога мнозинската партија на Србите во Македонија на државно ниво го прославува својот црковен патрон, светителот Сава, да се однесува христијански одговорно и најпрво да дојде на богослуженијата совршени во канонската Црква ПОА, во чест на свети Сава, а потоа заедно со неа, да го продолжи чествувањето со духовна академија. Но, тоа што мнозинската партија на Србите, не го направи, тоа повеќе кажува за нив, за нивната вера во Бога и нивниот однос кон светителот и Црквата!

Секако имаше и чесни исклучоци, на веќе споменатите здруженија, кои покажаа вистинска вера и останаа доследни во христијанското чествување на овој голем српски светител.

Но, на вистински новинар кој веќе ја отвара оваа тема, ќе му беа повеќе од доволни овие пет дена за да ги пронајде споменатите челници на најголемата партија на Србите во Македонија, и да ја удостои љубопитната јавност со нивни изјави, зошто навистина тие, како православни Срби, не го прославија својот најголем светител Сава како е што редот, со Црквата на чело, туку го направија тоа со политичарите?

За конструктивна дебата, одговорот на претходното прашање, кој новинарот требал да го обезбеди, би бил од клучно значење. Дури и мене лично, многу би ме интересирало каков одговор ќе дадат пред јавноста и пред Бога споменатите челници на најголемата српска партија, за својата христијанска неодговорност.