На 18. 06. 2014 год., во „Дневник online“, новинарот и „експерт“ по црковни прашања Бранко Ѓорѓевски објави текст со бомбастичен наслов, „Грчката црква има свои ученици во Македонија“ и схизофрен наднаслов „Непризнаениот статус не е пречка“. Јас немав намера да полемизирам со Ѓорѓевски, доколку тој не напишеше вакво нешто, ваква провокација. Но откако напишал, заради вистината, ред е мислам ѝ да му се одговори.

Текстот е обид да се испере историјата на раколничките епископи Наум и Климент и на расколничкиот архимандрит Партениј. Но проблемот е во тоа што обидот е неуспешен, барем кај нас, луѓето од канонската црква, иако јас не чувствувам никаква радост заради ваквите неуспешни обиди. Можеби кај некого во гетоизираната и во раскол МПЦ, овој текст ѝ ќе пројде. Но, што доколку некој од МПЦ, некогаш отиде во манастирот Григоријат и ги провери шарените лаги на „експертот“ Бранко Ѓорѓевски?! Благо речено, ќе доживее шок. Дали Бранко Ѓорѓевски верува во напишаното или е платен тоа да го напише не знам, но едно е јасно како бел ден: тој сигурно никогаш не бил во Григоријат, ниту прашал некој од тамошните одговорни монаси за став.

Па, изгледа Бранко Ѓорѓевски е единствениот „странец во Јерусалим“, зошто не знае дека расколничките епископи Наум и Климент без благослов од игуменот на Григоријат, старецот Георгиј Капсанис, буквално избегаа од Света Гора. Постојат луѓе што ги знаат деталите. Расколничкиот архимандрит Партениј никој во Григоријат и не го сфаќа сериозно, бидејќи за време на неговиот туристички престој на Света Гора се наоѓал таму како лаик, иако денес, барем пред неговите духовни чеда се претставува како голем светогорец и како човек што сѐ уште или барем до скоро имаше свој духовник на Света Гора и кој и понатаму, често пати ја посетува Света Гора (за жал сѐ уште како турист).

Но духовник или старец се нарекува духовниот отец кој заради благодатниот дар во којшто е облечен, секогаш вдахновува со вистина и со саможртвена љубов, како што некогаш Христос, кој беше прв духовник во Црквата, ги вдахновуваше Апостолите, а тие потоа нивните наследници.

Па едноставно кажано, не е возможно некој од Црквата да му биде духовник на некој кој не е во Црквата. Не е возможно некој од Црквата да му биде духовник на некој што е во раскол и да дозволи овој со години да пребива во тој раскол. Кој родител би благословил детето да му умира (во раскол) и ништо да не превземе? Па, Бранко Ѓорѓевски нека ги праша расколничките епископи дали некој светогорски старец им благословил да одат во раскол и да се „причестуваат“ во раскол! Такво нешто не се чуло и видело, канонски клирик да им благословува на луѓе да живеат и да се причестуваат во раскол и да умираат во раскол.

Но, едно е јасно, споменатите расколнички епископи Наум и Климент го предадоа старецот Георгиј, како што некогаш Јуда го предаде Христа, и старецот Георгиј имаше не мали проблеми заради тоа. Откако избегаа, старецот не ги примаше овие расколнички клирици бидејќи не се покајаа. И најголема трагедија за нив е тоа што не се преумија дури ни пред упокоението на старецот Георгиј и не се простија со него дури ни пред неговата блажена смрт, туку отидоа откако старецот веќе беше упокоен, колку да се фотографираат. Нив сега единствено може да ги избави само нивното враќањето во Соборноста на Црквата. Тоа е преданието на Света Гора, тоа е преданието на Православната Црква и затоа ваквите текстови на Бранко Ѓорѓевски не само што не помагаат, туку ја продлабочуваат нивната заблуда.
Доколку Бранко Ѓорѓевски барем малку се потрудеше да отвори книги кои му се пред носот, ќе видеше што пишува старецот Георгиј Капсанис за расколниците, што пишува Света Гора за расколниците.

Па овој мој осврт ќе го завршам со писмото од сите Претставници и Претстојатели на Светогорските Манастири, испратено уште пред 10 години до Архиепископот охридски г.г. Јован, во кое се вели:

„Треба, исто така, јасно да ја изложиме вистината во врска со таканаречениот „светогорски иероѓакон, а сега Митрополит” Наум на „Македонската Црква” којашто денес пребива во раскол: тој замина од овдешната Света Обител Григоријат без дозвола и благослов, па преминувајќи во Романија беше ракоположен за презвитер и после тоа за епископ од претходноспомнатата расколничка „црква”. Тој се наоѓа во состојба на непослушание и нема никаква духовна врска со сепреподобниот Катигумен на Свештената Обител Григоријат – Архимандритот Георгиј, којшто особено упорно одбива да го прими, колку пати оној и да побарал да го сретне, а притоа останува непокајан. Следствено, лажно се претставува дека е духовно чедо на гореспоменатиот свет Катигумен“ (Света Општина 6/19 Февруари 2004, број на протокол: Ф.2/5в/228).

Ако и ова не му е јасно на Бранко Ѓорѓевски и на расколниците, тогаш Господ нека им е на помош.