САД, години наназад, во нивните извештаи повторуваат една иста фраза, дека: во Р. Македонија генерално има слобода на вероисповед. Останува непознато, според кои критериум САД ја даваат оваа определба. Оваа, за мене смешна определба – генерално, не значи ништо друго освен дека на поголемите верски заедници им се почитуваат слободите, а на помалите: НЕ!

Бидејќи верските слободи, или се почитуваат, или не се почитуваат; едноставно невозможно е генерално да се почитуваат, но истовремено на некои граѓани да не им се почитуваат!!! Дали Р. Македонија треба да заличи на Ирак, на Сирија, за да се запали сијалицата во Вашингтон дека и кај нас нешто не чини во однос на верските слободи? Очигледно, прагот на толеранција во однос на верските прашања, САД низ годиниве го имаат подигнато премногу горе, до висина на банализирање на истиот. Тоа всушост ми укажува дека е возможно токму верските слободи, нив, веќе вистински и да не ги интересираат, туку само паушално ги споменуваат, колку нешто да напишат, без да навлезат во нив, бидејќи не е можно така моќна администрација, да излегува со така површни извештаи за достигнувањата на верски план во Р. Македонија.

Значи, САД можат да ги подзатворат очите пред фактот што во современа Европа на 21-от век е неправедно затворен еден Архиепископ на Црква. Можат да подзамижат пред фактот што и други Епископи, монаси и верници се осудени и општо, на тоа што сите ние останатите верници од ПОА мора да го издржиме поради немањето верска слобода во сопствената татковина. Но, едно е очигледно: САД како да престануваат, како да се изморени суштински да се интересираат за верските слободи во Р. Македонија, наспроти залагањата од минатото.

Според моите христијански, но и академски размислувања, лесно е да се додворуваш на помоќните, да ги поддржуваш позначајните, но големината на еден човек, односно на една демократија, на една држава, се гледа не по тоа колку права уживаат припадниците на некоја мнозинска, фаворизирана, моќна група во државата (во случајов државно монополизираните МПЦ или ИВЗ), туку, напротив, колку слободи имаат оние, најмалите, најслабите во општеството. Кога и за нив ќе се води постојана грижа, уште помалку, кога нема да бидат прогонувани, само тогаш ќе може да се зборува дека ГЕНЕРАЛНО има добри верски прилики во една држава. Таква демократска големина во Р. Македонија нема! Нема ниту оддалеку! Нема ни малку демократија во однос на верата за нас членовите на ПОА, поради одземањето на основните животни права, правата на слободно вероисповедание!

А таквата демократска големина изразена преку давањето верска слобода за сите, особено за помалите верски групи, САД ја применуваат кај себе, и навистина, денес таму има вистинска слобода на вероисповед. Но, со последниот извештај за Р. Македонија, едноставно САД се откажува суштинските верски слободи да ги пренесе и овде, се откажува да се заложи за подобра верска состојба и кај нас. Всушност веќе не ги ни констатира нејзините груби прекршувања.

А, се додека има граѓани на оваа земја на кои вистински им гори под нозете, само заради тоа што се Христијани, кај нас не ќе може да се зборува за постоење на верски слободи. Сѐ додека без вина, со политички монтирани пресуди еден православен Архиепископ се наоѓа во затвор, нема демократија, ниту бериќет во таквата држава.