Рускиот ветер повторно ги разбранува македонските едра. Исто како и пред 10 години кога блажено починатиот Патријарх Павле беше во Москва кај тогашниот Руски Патријарх Алексеј II. Во таа пригода, Патријархот Алексеј, обраќајќи се до македонската јавност, гласно објави една многу голема вистина, која гласеше буквално вака: 

„За жал, поткрепата која ја добиват расколниците (од државата и медиумите), често не им дозволува да донесат исправни одлуки од канонска гледна точка“! 

Но, оваа изјава тогаш, веднаш беше ставена настрана и целото внимание еуфорично со денови беше насочувано кон наводниот проблем на расколничката МПЦ со нејзиното име. 

Оваа голема вистина изречена од поранешниот Руски Патријарх, во целост се однесува и на денешницата. Една цела декада потоа, „поткрепата“ која денес ја добија расколничкиот Архиепископ Стефан, расколничките Епископи Климент и Тимотеј, расколничкиот свештеник Санџаковски и всушност целата расколничка МПЦ, е потполно иста како и тогаш! И по секој дебакл кој го доживува МПЦ, каков што беше и последниов во Москва, таа плански и сихронизирано со Државата, овој пат во ЛИЦЕТО на Претседателот и на група „експерти“ за црковни прашања на чело со Радмила Заревска, Бранко Ѓорѓевски, Марјан Николовски, Даниел Димевски, Валентина Божиновска и т.н., повторно удри по интелегенцијата на народот, градејќи една нереална, само-охрабрувачка атмосфера за иднината на МПЦ, со методи на едноумието, извадени од некоја комунистичка, пратиско-полициска фиока.

А сѐ ова е со цел да се оттргне вниманието од поразителната реалност која во Москва ја доживеа нашиот Претседател во заминување и тие што го беа пратиле на средба со Рускиот Патријарх. Кој знае во каква ли ситуација се нашол по прашањето, зошто неговата држава, на чијшто врв е тој, со години држи во затвор канонски признат Архиепископ? И којзнае како им одекнале зборовите на Патријархот дека единственото решение за МПЦ е да се врати на преговори со СПЦ. Можеби Претседателот отиде во Москва да ја бара автокефалноста за МПЦ од РПЦ?

И навистина, гледајќи го бедното духовно ниво на нашата делегација политичари, Свјатејшиот Патријарх Кирил, морал потоа да го примени (од снисходливи причини исклучиво) и најпоследното применливо средство при разговор со политичари, а тоа е, да го „поддржи“ национализмот во кои се западнати, само за да ја провери нивната искрена вера, пред сѐ во државата која ја управуват, а не само во нивната црква!

Дали се всушност тие спремни вистински да направат нешто за својата држава! Дали се спремни да направат призната, а не расколничка црква, која ќе допринесе потоа и за зачувување на нејзиниот национален, културен и верски идентитет, бла, бла… 

Но, нашиве „експерти“ наместо да ја сочекаат сега Државата да превземе евентуално некое дејствие (на пр. да го ослободи од затвор Архиепископот Јован), повторно почнаа како и порано со напразно глорифицирање на некои термини, кои всушност немаат никаква поврзаност со Соборната Црква кон која стреми МПЦ, а во суштина западнаа во чисто еклисиолошко промашување. За жалење би бил тој народ и таа држава што сака да го гради и одржува својот идентитет преку црквата.

Државите постоеле и се распаѓале, а Црквата останува секогаш иста. Дали на Германија како држава и треба германска православна или германска протестантска црква, за да си го одржи идентитетот? Форсирање на вакви теории е злоупотреба на медиумскиот простор, за труење на народот и излегува само од главите на духовно паднати, корумпирани или полициско ангажирани личности. Или сѐ заедно.