Навистина е тажно кога дел од македонските интелектуалци, каков што е на пример и г. Димитар Мирчев, професор, дипломат, советник, не ги перцепираат објективно црковните, но и демократските (не)прилики во сопствената земја, а токму поради позицијата која ја имаат во општеството, повикани се и да ги познаваат и протежираат демократските вредности.

Во весникот „Дневник“ (23.01.2014), г. Мирчев во еден небулозен текст, покрај останатото, пишува и за верската (не)дискриминација. Во текстот, тој индикативно си противречи на себе си, најпрвин заклучувајќи дека во Р. Македонија не постои верска дискриминација, за на крајот, со доза на гнев да се запраша: „До каде води сево ова?“

Чудно е што г. Мирчев, иако целата колумна ја посветува на МПЦ и нејзината сплотеност со власта, нејзиното медиумско фаворизирање со кое се повредени чувствата на останатите граѓани, како и секуларноста на државата, сепак нема доблест да објави верска дискриминација во Р. Македонија.

Затоа би сакал да го охрабрам г. Мирчев и да му посочам дека денес во нашата земја сме сведоци на незапамтена дискриминација, и прогон по основа на верските убедувања, а пример за тоа е токму Православната Охридска Архиепископија и нејзиниот, по седми пат затворен Архиепископ г. Јован. Посочениaтa дискриминација и прогон г. Мирчев толку лесно ги отфрла велејќи: „тоа е вонзаконска инјектирана српска црква“. 

Па во кое време живее г. Мирчев? Сите припадници на Православната Охридска Архиепископија се полноправни македонски граѓани, државјани на Р. Македонија. Зар за нив не важи со закон загарантираното право дека можат да формираат своја верска заедница, или г. Мирчев, како во едноумието, сака на сила да ги турне сите во монополизираната МПЦ? Очигледно е дека со ваквиот поглед на работите, г. Мирчев е заробен некаде помеѓу менталитетот на 19-от век, co стравот од странските пропаганди и менталитетот на едноумието.

А, дека постои нешто што тој не го гледа, а другите го гледаат, дека неговите тврдења не се точни, односно дека Православната Охридска Архиепископија постeла спротивно на Уставот, или дека е „инсталација“, покажаа безбројните апели за поддршка на Православната Охридска Архиепископија и молби за ослободување на Архиепископот г. Јован, помеѓу кои ќе ги истакнам оние на Вселенскиот Патријарх г. Вартоломеј, на Светскиот Совет на Црквите, на Европската Конференција на Црквите, извештаите за загрозување на верските слободи на Amnesty International, Humans Rights Watch итн.! И, она за што г. Мирчев не е храбар и кадарен да го зборува, сепак беше соопштено од наши познати интелектуалци и политичари, од имиња какви што се: Стојан Андов, прв Претседател на Собранието, Љубчо Георгиевски, поранешен Премиер, Проф. Мирјана Најчевска, Ерол Ризаов итн. кои недвосмислено изјавуваат дека Архиепископот г. Јован е – политички затвореник и дека постои дискриминација врз верска основа.