Расколничките цркви не чекаат за влез во Соборна Црква, бидејќи нема никогаш да го дочекаат. Тие треба да се преумат во однос на состојбата во која се, и ќе бидат примени според веќе познатите правила кои постојат во Црквата. Едно од тие правила вели дека томос за автокефалија на некоја автономна црква се доделува на предлог на мајката Црква! Во случајот со МПЦ, тоа го прави СПЦ.

КОМЕНТАР ПО ОБЈАВЕН ТЕКСТ

Новинарски невистини

Опасно е човек да се заблудува себе си со невистини, а уште поголема одговорност има кога таа заблуда ја шири помеѓу останатите луѓе. Токму тоа го прави новинарката Радмила Заревска, а зад неа не заостануваат ни неколкумината други „експерти“ за црковни прашања во Р. Македонија. Да се осврнеме само на неколку моменти од нејзината колумна „Нова Македонија“(30.012014), кои одат во прилог да го докажат горереченото.

Прво, новинарката сака да ни предочи дека МПЦ „влече корени од древната Светиклиментова архиепископија“! Но Црквата влече корени од денот на Педесетница кога е востановена како таква.

А и да навлеземе историски во времето на Св. Климент, во врска со ова тврдење треба да се истакнат следниве историски факти: Св. Климент бил Епископ во Охрид во рамките на Првото бугарско царство во 10-от век. Се упокоил во 910 г. И за време на неговиот живот тој никогаш не ја носел титулата Архиепископ охридски. Исто така треба да се истакне дека како година на востановување на Охридската Архиепископија се смета 1018 г., откако паднало Западното бугарско царство на Самоил, и отакако византискиот император Василиј II Бугароубиец издал царски повелби со кои била регулирана јурисдикацијата на Архиепископијата. Значи, Охридската Архиепископија е востановена повеќе од 100 години по смртта на светиот Климент охридски, кој, патем речено, никогаш не бил во раскол со Соборната Црква, како што е тоа денес МПЦ. Според овие факти, со кој образ се повикува на соборниот и сеправославен свети Климент охридски денешната самопрогласена Македонска православна црква, која, ваква каква што е, своите корени ги влече од 1967 г.!

Второ, новинарката протежирајќи некои нови правила за влез во Соборна Црква неправедно ги оцрнува помесните цркви како националистички и ги повикува на одговорност сите други, освен единствената „безгрешна“ МПЦ. Уште додава и дека не е познато какви се размислувањата на претставниците на другите цркви во однос на начинот на кој МПЦ ќе стигне до автокефалост! Тоа новинарката може да не го знае, но одговорот на нејзините дилеми е многу едноставен. Расколничките цркви не чекаат за влез во Соборна Црква, бидејќи нема никогаш да го дочекаат. Тие треба да се преумат во однос на состојбата во која се, и ќе бидат примени според веќе познатите правила кои постојат во Црквата. Едно од тие правила вели дека томос за автокефалија на некоја автономна црква се доделува на предлог на мајката Црква! Во случајот со МПЦ, тоа го прави СПЦ.

И на крајот да се осврнеме на оној дел од колумната, во кој се вели дека МПЦ ги исполнува сите услови за црква и не прифаќа ништо, освен автокефалност, бидејќи немала да биде независна. Таква автокефалност, да бидеш целосно независен од другите, во соборноста на црквите не постои! Исто така е заблуда дека некоја организација со црковна структура со народ или држава, со одежди и книги, автоматски станува црква. Сето тоа е залудно доколку ја нема Соборноста со другите православни цркви. Епископите на МПЦ се свесни за тоа. Тие и самите некогаш извикуваа: „Не сакаме да останеме расколници“! (види слика) Прашање е како е можно да не сакаат да бидат расколници и да мислат дека ги исполнуваат условите за да бидат Црква сега, кога се наоѓаат во уште полоша состојба бидејки се оквалификувани и како гонители на затворениот Архиепископ Јован и на ПОА?

Георги Тасев