Расколничкиот митрополит г. Тимотеј за „Утрински Весник“ (26.08.2014), изјави: „сите одлуки на СПЦ немаат никаква важност во земјава“. Се разбира, возможно е одлуката за црковен суд врз архирасколникот г. Стефан да не важи за одредени кругови во земјава! Но, тоа само сведочи за духовниот провинцијализам на тие кругови, бидејќи, од друга страна, таа одлука 100 % ќе важи за целиот, нормален православен свет.

Други гласила објавија дека „одлуката на СПЦ е нелогична, ако се знае дека таа нема ингеренции над македонските свештеници“, а „експертите“ коментираат дека „започнувањето на ваква постапка значи индиректно признавање на МПЦ“.

На „експертите“ треба да им е јасно следново: 

СПЦ, како и сите други останати православни цркви, не го признаваат г. Стефан за Канонски Православен Епископ! Непобитен доказ за тоа е дека никој од Соборната Православна Црква не сослужува Литургија со г. Стефан. 

Во свеста на Соборната Православна Црква, г. Стефан дејствува како архирасколник во канонското подрачје на Пеќската Патријаршија и токму затоа СПЦ има ингеренции, должност и обврска кон сите Православни – да им ги предочи и посочи расколниците како г. Стефан кои одново и одново го распнуваат Христа. 

Зошто е потребен овој суд? Г. Стефан во расколот е прв по чест, но и прв по одговорност. Наместо да го реши проблемот на расколот, тој во последниве 12 години се покажа како најсуров гонител на Христа и Црквата. Расколничките Епископи не се канонски Епископи, но потенцијално, доколку се покајат и вратат во Соборноста, можат да станат Канонски Епископи. 

Архирасколникот г. Стефан заради големите злодела, со коишто ги кочи и неговите расколнички собраќа да размислуваат за враќање во единство со Православните, значи заради големите злодела кои ги прави – ќе биде расчинет. 

Што значи тоа? Тоа значи дека доколку еден ден дојде до преговори, после кои расколничките Епископи се покајат и вратат во единство, тие ќе бидат примени како Епископи, но г. Стефан, после расчинувањето никогаш, значи никогаш повеќе нема да биде примен како Епископ. 

Ако сега, како што гледаме, на г. Стефан му ги враќаат писмата што им ги пишува на православните Епископи, тогаш никој нема да му кажува ниту „добар ден“. Јасно како ден, нели!