Сите ние христијаните, и воопшто граѓаните на Р. Македонија, денес сме сведоци на настаните поврзани со поставувањето на крстот на кружниот тек во Бутел. Нема да навлегуваме во политичката димензија на овој настан, која е очигледна, но на кратко ќе се осврнеме на една трагична фигура во сите овие случувања.

Таа фигура, во очите на православниот свет е – самонаречениот архиепископ г. Стефан.

Погледнете внимателно и ќе го видите следново: г. Стефан си дозволи да биде искористен како марионета на која конците ѝ ги влечат изолирани индивидуи на виртуелни организации со звучни имиња.

Како сервилен партиски апаратчик г. Стефан отиде да фрла малтер во служба на една фирма, наместо во овие тешки времиња да се покаже како личност која ќе најде начин да ги држи обединети сите граѓани на нашата татковина, пазејќи го така нејзиното единство. Но, како да се очекува да го пази единството на татковината, човек кој не го пази единството на Црквата. Да имаше црковна свест, овој апаратчик ќе изградеше храм во Бутел, на чие осветување ќе повикаше епископи од сите православни цркви и така ќе ја покажеше силата на Православието. А, вака, ја покажува само својата слабост, слабост на партиски апаратчик на раздорот, кој ја жртвува судбината на народот за конците на марионетата што ја игра сега да бидат спуштени во длабнатината на неговата удобна столица.

Овој апаратчик на раздорот чие име е Стефан Велјановски, може да биде лидер на некои луѓе, кои се наоѓаат на неговото духовно и интелектуално рамниште. И нека им биде. Но секој трезвеномислечки човек нека се запраша дали една ваква гротескна фигура може да биде духовен лидер на сите припадници на МПЦ, на која ѝ претстојат напори да се врати во соборноста на Православието и која ќе треба да му објасни на народот дека некои како г. Стефан правеле исти промашувања и во минатото, водејќи ја МПЦ низ беспаќето на расколот. Одговорот ќе си го добие секој, согласно на разбуденоста на совеста.