(повод: настапот на Топ Тема на ТВ Телма, 18.11.2015 г., настапот на ТВ Сонце – Гласот на народот на 14.10.2015)

Хаос – мајсторот во МПЦ, ем расчинетиот, ем расколничкиот митрополит г. Петар, за жал, одново е актуелен, и како по правило – во негативен контекст. Каде да се појави сиротиот, што да направи, само немир, раздор и манипулации остава зад себе.

Можно е кај него повторно да се има пројавено дијагнозата, која пред години му ја постави специјалист психијатар (во судски спор против архиепископот на ПОА, г. Јован), дека страда од душевно растројство, проследено со психичка нерамнотежа и избезуменост. Истиве симптоми очигледно му се забележуваат и деновиве. Овој пат се чини тие се многу поголеми како и одговорноста што ја има, зафаќајќи се со многу работи, а и годините веќе му натежнале.

Да почнеме со јазот помеѓу г. Петар и македонските црковни општини во Австралија кој трае веќе децении, во кои беа потрошени неверојатни 13 (тринаесет) милиони долари на изгубени судски спорови помеѓу Македонци, а кој наместо да се исцелува, добива драматични димензии.

Самиот г. Петар како расколник ги има прекршено сите црковни канони, и во Македонија лажно се претставува како канонски архиереј, а од други бара да почитуваат црковни закони. Прилично голем расцеп!

Расколничкиот митрополит г. Петар иако толку се труди, па така напнато и со нервоза говори за работите во Австралија, сепак не може никако да сфати зошто му се случува сево ова? Тој не разбира дека македонските верници во Австралија се баш негов производ, дело се на МПЦ. Плод се на расколот. Тој за цели 18 години, не само што ништо не поправи, туку сѐ одведе во ќорсокак. Така е кога слепец, слепец води.

Деновиве читаме и едно тажно обраќање на монахот Гаврил од Австралија во врска со некое негово преместување по директива на г. Петар, после толку години поминати меѓу Македонците. Со својот антимонашки дух г. Петар збришува сѐ што го разобличува како овдовен поп кој „силом прилике“ станал расколнички епископ.

Г. Петар исто така не пропушта ниту еден свој телевизиски настап за намерно да посее зло и омраза против браќата архиереји од канонската Црква, со кои можеби уште утре ќе треба да заедничари!? Од каде толкава несреќа и горчина насобрал во себе си овој човек!!!

Од многу наши блиски пријатели од МПЦ, со кои, природно, се среќаваме и разговараме, слушаме како се срамат од испадите на г. Петар, кој остава впечаток на осамен човек што ја разбира Црквата само како владина институција и себе си како административец, а не како заедница на непотчинети луѓе кои градат личносен однос со Христа и помеѓу себе.

Загрижени значи, од ова негово константно цркворушителско однесување, се прашуваме како овој (според познатата дијагноза), избезумен човек со симптоми на неурамнотеженост, ќе биде предводник на преговарачката делегација за излез на МПЦ од расколот? Нема ли токму тој да ја закопа и последната надеж на МПЦ за излез од своето беспаќе? И како може човек кој со години упорно губи, воопшто да го ставаат во игра?! Тоа е исто како некој спортист постојано да постигнува најлоши резултати, а упорно да биде испраќан да ја претставува земјата на спортските натпревари! Зар МПЦ не доби нови надежни кадри? Зошто ги буткаат во ќоше? Зошто не им дадат шанса? Затоа, во пресрет на преговорите со СПЦ кои бездруго се важни за МПЦ, ние како верници кои ѝ мислат добро на оваа држава и на својот народ, и кои се веќе дел од Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква, најдобронамерно му порачуваме на расколничкиот митрополит г. Петар – доста е дедо, доволно беше, покажете барем малку доблест и мудрост во вашите старечки години и пензионирајте се! Верувајте сите ќе ве почитуваат тогаш, а вака само роднините!
Ова го велиме, бидејќи сметаме, дека личности како г. Петар на кои судницата им е помила од Црквата, претставуваат кочница за секое добро и од Бога вдахновено дело и со своите постапки, точно како од Евангелието, го затвараат Царството Небесно пред луѓето, па ниту тие влегуваат, ниту ги пуштаат да влезат оние, што сакаат да влезат.

Значи го повикуваме г. Петар ако навистина се грижи за МПЦ и за верниот народ, уште веднаш да се повлече од секаков вид дејствување, да замине додека сѐ уште има време, додека не станал причина за уште поголема пропаст, и своја, и на многу други луѓе.

Можеби утре, веќе ќе биде доцна!