Етничка Црква не постои, тоа би било племенска синагога. Да се надеваме дека во иднина, одредени новинари (вклучително и М. Марковиќ) нема да бараат и етнички чист Христос.

Неодамна, во белградскиот весник „Вечерње новости” (со почеток на 25.12.2013 г., па во неколку продолженија), беше објавена репортажа, во чија содржина се гледа површниот пристап на потпишаните новинари, при третманот на црковното прашање во Р. Македонија. Изгледа, не мал број новинари од источно европските земји, кадешто владееше еднопартискиот систем, сѐ уште остануваат под основното рамниште за поимање на Црквата и црковната терминологија. Значи, не мал број од нив, идентитетот кој произлегува од верата, го мешаат со биолошкиот идентитет на нацијата, по углед на она пословичното, кога во православната вера се крстил некој Ирец, а неговиот пријател Србин му рекол дека, ете, сега тој Ирецот постанал Србин . Недостатокот на автентична, православна терминологија, луѓето го заменуваат со квази изрази.

Подобно на реченово, во репортажата се искажани на пр., ставови дека се Срби, некои од припадниците на нашата Црква, коишто никогаш не се изјасниле како Срби. Згора на тоа, истите тие за првпат во животот го слушнаа тоа од самата новинарка, откако таа се врати во Белград и од таму почна да србува, и тоа за луѓе, коишто си го почитуваат својот македонски, биолошки идентитет, но не го сметаат за идентитет од кој зависи спасението на човекот, туку својот идентитет го црпат од Христа и Неговото Тело, т.е. Соборната Црква. Бидејќи, согласно на нашата вера, нема да се спасиме заради нашата национална припадност, туку се спасуваме во односот со Живиот Бог во Коработ на спасението, којшто е Соборната Црква.

Притоа, битно е да се посочи дека текстот, објавен во споменатиот весник, не беше даден за авторизирање на луѓето со кои било зборувано, што уште еднаш упатува на површниот и непрофесионален пристап на новинарската екипа.

Во репортажата се забележани и други измислени и од ракав истресени податоци, како на пр., дека донатор на богослужбеното место во с. Старо Лагово е некој си Владимир Гајиќ. Споменатата личност, фиктивна или не!, целосно е непозната за братството, што живее во тој манастир.

Да не должиме со набројување, бидејќи го посочивме нивото на споменатата репортажа, во делот на изречените невистини во неа. Ова обраќање нема за цел да се спушти и да се расправа со ниското ниво на тие невистини. Покрај горепосочените укажувања, ова обраќање претставува и повик до сите новинари, така како што специјализираат определени теми за кои известуваат, подеднакво да специјализираат и во православната теологија и еклисиологија, за да придонесат за излегување од матрицата на партиското и етнофилетистичкото поимање на Црквата кај некој поединци на овие простори, а не истата да ја претставуваат низ партиско-национална призма.

Во Православната Охридска Архиепископија службен и богослужбен јазик се црковнословеснкиот и од него произлезениот македонски јазик. Најголемиот број верници на Црквата се Македонци, но бездруго, во неа се наоѓаат и многу други нации кои живеат во Р. Македонија, вклучително и Срби. 

Го повторуваме основното поимање за тоа што е Црква, излезено од перото на Митрополитот Јеротеј: Православната Црква е наднационална и следствено – укинување е на национализмот и расизмот. Таа може да живее на сите должини и широчини на земјата, по целата икумена, може да го прифати човекот на секоја земја и на секое време и да го упатува кон обожение. Етнофилетизмот, било тој да е грчки, бугарски или арапски, според Православната Црква е ерес. Не е можно расата, родот да се стават над единството, коешто се постигнува со дејството на Светиот Дух во Црквата. Национализмот не само што ѝ е туѓ на Црквата, но е и нејзин противник.

Значи, етнофилетизмот не може да се сообрази со Православната Црква. Не е можно да се заштитува посебнa раса или посебен народ на штета на Соборната Вера.