
Неодамна посочивме, а еве се покажува дека мразот помеѓу Едната, Света, Соборна и Апостолска Православна Црква од една страна, и расколничката МПЦ-ОА од друга страна, полека но сигурно продолжува да се топи.
Епископите на ПОА и СПЦ, токму на Плаошник, се сретнаа со Епископот Егоревски Тихон (Шевкунов) од Московската Патријаршија и неговата придружба составена од претставници на Московската Патријаршија и припадници на расколничката МПЦ-ОА.
Дали тие се сретнале случaјно или пак средбата воопшто не била случајна, едноставно не нѝ е познато.
Дали Епископот Тихон, ја информирал Архиепископијата Охридска или Патријаршијата Пеќска за неговото доаѓање на канонското подрачје на оваа Црква исто така не нѝ е познато, но добро е познато дека така налага редот на Црквата, и дека кога Епископи од Пеќската Патријаршија учествуваат на настани во Москва, од општа култура го информираат Патријархот Московски.
Како и да е, Епископите на ПОА и СПЦ се сретнаа со Епископот Тихон и неговата придружба, во која се наоѓаа и видни припадници на расколничката МПЦ-ОА и сите заедно имаа можност срдечно да разменат по некоја реченица и заедно искрено да им посакаат, по молитвите на свети Климент Охридски, и на оние кои сѐ уште не се во единство, обединување во полнотата на Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква, што значи обединување со канонската Црква во Р. Македонија, т.е. Православната Охридска Архиепископија.
Напишете коментар