Овие денови, на одлуката на СПЦ да организира црковен суд за г. Стефан, архиепископ на МПЦ во раскол, неколкумина негови собраќа јерарси, преку медиумите, возвратија со одговор дека согласно на Уставот на МПЦ, од 1959 год., престанала да важи јурисдикцијата на СПЦ во однос на МПЦ.

Но, дали е тоа целосно точно, и дали, всушност, таквиот одговор не е само уште една во низата манипулации од врвот на МПЦ, за на јавноста да ѝ се сервира само тоа што им одговара на јерарсите од расколот?

Да почнеме по ред. Во записникот на АС на СПЦ бр. 47/1959 и 6/1959, зап. 57, од 17/4 Јуни 1959 год., Светиот Архиерејски Собор на СПЦ се согласил со одлуките од македонскиот црковно-народен собор од 1958 година. Но, таму се вели и следново: „Светиот Архиерејски Собор констатира дека епархиите скопска, охридско-битолска и злетовско-струмичка на црковно-народниот собор одржан на 4-6 Октомври 1959 год., во Охрид, се издвојуваат во самостојна Македонска православна црква, која се управува по Уставот донесен на тој собор, а останува и понатаму во канонско единство со СПЦ преку нејзиниот поглавар, односно Неговата Светост Патријархот на СПЦ.“ Уште малку подолу се вели дополнително дека: „Врховниот поглавар на СПЦ, ја претставува самостојната Македонска православна црква пред другите цркви.“ Ги потсетуваме собраќата на г. Стефан дека тогашната титула на Патријархот беше: Патријарх српски и македонски. Исто така, ги потсетуваме и дека одлуката од 1959 год., само му претходи на Томосот за автономија на Православната Охридска Архиепископија од 2005 година, којшто МПЦ можеше да го има доколку не го направеше расколот.

Овие точки од одлуката на СПЦ во 1959 год., кои се прифатени од страна на МПЦ, недвосмислено потврдуваат и сведочат дека МПЦ со стекнувањето на посебниот статус, кој посочивме дека не е автономен (МПЦ не може да покаже дека има Томос за автономија), а уште помалку автокефален, останала и понатаму во јурисдикцијата на Пеќската Патријаршија; толку колку што дозволува тој статус и толку колку што е договорено, но сепак се работи за јурисдикциско подрачје, коешто сите помесни православни Цркви и ден денес ѝ го признаваат на СПЦ.

Кога веќе се повикуваат на тој статус од 1959 год., претставниците на МПЦ треба да престанат искривоколчено да го презентираат споменатиот статус и да прифатат дека СПЦ, и според одлуките од 1959 год., сепак ја има јурисдикцијата во однос на МПЦ, та следствено, одлуката на СПЦ за црковен суд на г. Стефан е легитимна и по таа основа. Истовремено, никој нека не се сомнева дека одлуката на црковниот суд на СПЦ во однос на г. Стефан ќе биде прифатена и конечна за сите помесни православни цркви.

Ако веќе расколничките јерарси од МПЦ се повикуваат на одлуките од 1959 год., тогаш треба да ја прифатат токму оваа непобитна реалност и еднаш засекогаш да престанат со манипулациите. Уште подобро би било, наместо дополнително да се заплеткуваат во сопствената бесмислена состојба, конечно да го променат и неприфатливиот пристап во однос на статусот на МПЦ, заради православните верници во Р. Македонија, кои веќе речиси 6 децении ги држат во заблуда и заложништво.

Покрај овие лаги, уште една, не помалку опасна манипулација, заслужува да биде разобличена. Имено, секоја критика упатена до расколничките јерарси заради нивната лична несериозност и неодговорност за позицијата на која се наоѓаат, тие веднаш ја префрлаат на народот. На пр., еден расколнички јерарх вели дека со расчинувањето на поглаварот на МПЦ, се осудува цел еден народ. Се поставува суштинското прашање: дали расколничките епископи имаат монопол над целиот народ кој живее во Р. Македонија? Кога неодамна беше расчинет поранешниот јерусалимски Патријарх Иринеј, дали со него беше осуден целиот православен народ на Јерусалимската Патријаршија? Се разбира – не! Или, кога г. Стефан го ставаше хотелот „Изгрев“ под хипотека и кога во четири очи го продаваше црковниот имот во Говрлево за баснословни суми, дали тогаш средствата завршија во рацете на целиот народ? Се разбира – не! Затоа, доколку некогаш за тоа се поведе судска постапка, ќе му се суди нему, а не на народот. И, конечно, кој им го дал тоа право на расколничките јерарси да зборуваат во името на целиот народ, ако макар има и само еден човек (а, има), кој по сопствената слободна волја ниту сака, ниту ѝ припаѓа на нивната расколничка организација, а сепак е дел од народот, којшто живее во оваа наша татковина? Дали со тоа што не припаѓаат на расколничката МПЦ, одредени граѓани Македонци престанале да бидат дел од македонскиот народ!? Нашиот став е дека таквите размисли се варварски, нецивилизирани и повеќе од апсурдни!

На крајот на краиштата, кога му се суди дури и на еден расколнички јерарх каков што е г. Стефан, заради неговата лична неодговорност кон службата, со тоа не се осудува ниту народот, ниту свештениците, ниту монасите. Припадниците на расколот сами би се осудиле, доколку останат во заедница со расчинет епископ; но, слободни се (а, таа слобода на вероисповест ја гарантира и Уставот на нашата држава, како и Конвенциите кои таа ги има потпишано), значи, слободни се да отстапат од расколот, да не пребиваат во заедница со расчинетиот и да се спасуваат во Црквата Христова. На подобен начин и секој расколнички јерарх е слободен да се оттргне од политичката „црква“, да отстапи од погубноста на расколот и со личен пример на Христијаните да им го покаже патот на спасението.

Извор: poa-info.org