На почетокот едно логично прашање: зошто политичко-полицискиот назначеник Бранко Ѓорѓевски „одоколу“ ги пука своите ќорци од удбашка пропаганда врз Епископот бачки Иринеј, а не врз расколничката МПЦ која бара да преговара, помеѓу другите, токму и со Епископот бачки Иринеј?

Во заблудената удбашка свест на Бранко Ѓорѓевски, Епископот бачки е таков, каков што тој сака да си го претстави и тоа е негово право. Бранко Ѓорѓевски како некоја стрина Перса, потпрена на комшиската ограда, ја потценува јавноста, за која мисли дека ја интересираат неговите/нејзините оговаранции дали Епископот бачки можел нешто да сработи во Дечани или не.

За тоа време, во христијанскиот свет, Епископот бачки е еден од најугледните Епископи и теолози, додека во истиот тој христијански свет, удбашкиот новинар Бранко Ѓорѓевски е тотална непознатица и неговото мислење е важно, толку колку што е важен ланскиот снег. Ни толку!

Значи, јасно е дека Бранко Ѓорѓевски има конкретна задача да сее отровна пропаганда пред претстојните трилатерални разговори помеѓу Православната Охридска Архиепископија, Српската Православна Црква и расколничката МПЦ, бидејќи доколку не е така, тогаш ја згрешил адресата. Тој треба да се обрати кон расколничката МПЦ и да им ги пренесе ставовите од неговите удбашки шефови – дали смеат или не смеат да разговараат со Епископот бачки!

Бранко Ѓорѓевски, пак, е целосно недоветен кога си мисли дека тој ќе каже од кого треба да биде составена делегацијата на СПЦ за преговори со расколничката МПЦ. Оттука, најточно е прашањето – зошто, воопшто, тогаш расколничката МПЦ писмено и официјално бара да разговара за својата комунистичка автокефалија? А, кога вели „Скопска црква“, Епископот бачки точно мисли токму на комунистичката автокефалија и воопшто не го негира Македонскиот народ, затоа што Бранко Ѓорѓевски е најмалку повикан да става значки кој е Македонец, а кој не, бидејќи најголемиот дел од припадниците на автономната Охридска Архиепископија, што целото канонско Православие ја признава, се Македонци.

Притоа, удбашкото око на Бранко Ѓорѓевски е тотално помрачено за да види дека Епископот бачки отворено изјавува дека нивната љубов кон расколничката МПЦ не е секната и дека ќе направат сѐ што од СПЦ зависи за проблемот на расколниците да биде решен. Што сака Бранко повеќе, да му ја легализираат комунистичката автокефалија? Па, на трепавици да дуби, тоа никогаш нема да се случи. Автокефалијата секако е остварлива, но после враќањето на расколничката МПЦ во единство, преку јавно искажано покајание за расколот.

И, за крај, веројатно на удбашките шефови им требаат и такви недоветни индивидуи каков што е Бранко Ѓорѓевски. Па, побогу, милион пати му е нацртано на човекот и пак не може да сфати. Еве, најново, и Рускиот Патријарх Кирил изјави дека: сеправославниот консензус за издавање Томос за автокефалија е неопходен за да се исклучи токму едностраното делување во давањето автокефалија (притоа, под тоа подразбира, Мајката Црква некому еднострано да издаде автокефалија, та затоа Мајката Црква и не може да дава автокефалија, туку тоа го прават сите канонски помесни цркви; а, не како расколниците да си самопрогласат комунистичка автокефалија).

Значи, во Православието постојат правила, а нив не ги одредуваат ниту расколниците, ниту удбашите. Затоа, сега е потребно, покрај удбашките новинари како недоветниов, конечно да гукнат, да се јават и водачите на расколничката МПЦ и јавно да ги објаснат тие правила, истакнувајќи дека ако постапат според правилата, тогаш и расколничката МПЦ, па и државата, ќе видат само аир.

Расколничката МПЦ не може да се наметнува. Не е пријатно кога некој се наметнува. Значи: земи или остави. Ако земат, ако се покајат, ќе станат Црква, ако остават, расколниците од МПЦ ќе продолжат да се самооправдуваат, трулејќи, скапувајќи си во расколот.