„Ги видов душите заклани заради словото Божјо и за сведоштвото, викаа со висок глас, велејќи: – До кога, Владико, свети и вистинити, нема да судиш и да им се одмаздуваш за нашата крв на оние, што живеат на земјата? – И им се рече да починат уште малку време, додека не се дополни бројот на нивните сотрудници и браќа“ (Откр. 6, 10-11).

Бог, заради поведението на луѓето, уште одамна ќе ја завршеше историјата; Црквата ја продолжи!

Расколот пак, кој се појавува како вирус, секогаш е во обид да ја распадне Црквата. Тој почна на Небесата и продолжи на земјата. Патријархот Вартоломеј Архонтонис го разбуди. Зошто Ваша светост со делото на расколот се обидувате да ја прекинете историјата? Зошто им ја ускратувате шансата и на следните генерации за живот во Едната Црква, која со крвта Христова и на неговите сотрудници е спечалена, туку ја кинете како неупотреблива да е веќе? „Ако солта го изгуби вкусот, со што ќе се соли? Таа веќе не е за ништо, освен да се фрли надвор и изгази.“(Мат. 5,13).

Зар треба, како некорисни, повторно да ги слушнеме Господовите зборови: „Ќе ги истребам луѓето што сум ги создал – оти се кајам што ги создадов”? (1.Мој. 6, 7.)

Човеку Божји, Вартоломеј Архонтонис, Вие, кој себеси се доживувате како патријарх на целата вселена, во овие моменти на вселенска криза, потребна Ви е вселенска одлучност.

Не е точно дека Вие имате само првенство по чест. Вие имате и власт. Еве, гледајте денес каква разорна власт Ви е дадена. Вие ја одбравте онаа власт која измешана со гордоста, го направи и првиот раскол. А духот на Црквата – е духот на смирението.

Но, Вие го знаете и тоа. Затоа, ако барем малку сѐ уште има вера кај Вас, како што велите, која не е доведена во прашање, и ако навистина, како што велите, Ви значи животот на христијаните и на сите други луѓе, тогаш прекинете го расколот веднаш.

Повлечете ја одлуката за автокефалност на непокајаните расколници. Обновете го литургиското единство во целата Црква. Вратете го мирот меѓу христијаните во Црквата кој го одземавте со оние кои слепо Ве следат. Закажете веднаш термин за вистински и братски пан-православен собор кој ќе ги реши сите насобрани предизвици во православието, ако сакате во истиот миг пан-демијата „COVID-19” да стивне во Црквата. Во спротивно, Вашите заложби за живот се лажни и Вашта вера е лажна, па на Вас и на оние кои слепо Ве следат, ќе падне големиот товар за вирусот во Црквата.