Младиот кумановско–осоговски митрополит во раскол Јосиф започна со единственото што знае, а тоа е да заплашува. Овојпат страшило за народот е терминот јурисдикција, што го наметнува како „духовно потчинување“. Како ли ќе одговори со љубов кога на дело сее страв и незапамтена суровост, веројатно и самиот не знае! Сепак, знае дека многу му се допаѓа кога конструктивно го критикуваме, бидејќи тоа е единствениот начин, без расудување, да собере поени кај неговите претпоставени.

Младиот кумановско-осоговскиот митрополит во раскол Јосиф се произнесе за она што го чека неговиот архипастир во блиска иднина, па и него лично. Значи, најдобро е да се почне со параноичен напад, кој ќе биде прифатен од толпата која со години бива дезинформирана, за да се оправдаат сите страшливи потфати на МПЦ.

Зарем не се ближи 2016 г., кога ќе се одржи Вселенскиот Собор? Зарем немате чувство дека ги поминавте сите граници. Одамна помина и единаесеттиот час, а вие удобно сте распнати во расколот, притоа не укажувајќи му на народот кон каков вртлог го водите  пливајќи во расколничките води. Дури се најдовте „изненаден“ и „смртно нажален“. Очи имате, но не гледате дека целото Православие е нажалено поради вашето упорно опстојување во раскол и поради тоа што го затворате Архиепископот Јован и ја гоните Црквата, за што и ќе бидете прашани на Страшниот суд.

Вие всушност заради што сте нажалени? Вашите постари колеги од расколот неколкупати одеа кај Вселенскиот Патријарх и добиваа еден ист одговор: „МПЦ треба да го реши својот проблем само во разговор со СПЦ“. Фрустрирачкото откажување од Нишкиот договор и повлекувањето на веќе дадените потписи од истиот, ја направи всушност бездната и расцепот во вашиот ум, и сега не знаете како да му објасните на народот дека е изманипулиран од оние кои му се наметнуваат како духовни водачи. Го жртвувате народот само заради вашата удобност. Досега, можеби, ќе се дојдеше до автокефалија. Но, се покажа дека синодот на расколничката МПЦ ниту е способен, ниту е подготвен, ниту, воопшто, е зрел да биде Црква.

А, вие, бидејќи немате грам црковна свест, за јурисдикција зборувате со провинциско политички поглед. Тоа е единствениот поглед што го имате. Патем речено, смешна ви е јурисдикацијата во Австралија. Вие никогаш не сте биле Православен Епископ и никогаш не сте ја вкусиле благодатта на Соборноста без која нема Црква. Вие со терминот јурисдикција само го плашите народот и од себични побуди конструирате лаги за комотно да си опстојувате во раскол. Истовремено, се оправдувате за срамниот прогон што го превземате против Архиепископот Јован и ПОА! Велите дека „црквата не може никого да држи во граѓански затвор, ниту посакува некој да биде вотемничен.“ Да, тоа се однесува на Црквата Христова, а вие сте расколничка, политичка црква, а таквите цркви очигледно тоа можат да го прават. Да ве потсетам дека МПЦ е таа која го тужеше Архиепископот Јован и која до крај опстојуваше на негова кривична и материјална одговорност. А, не мораше.

Самите се промовиравте пред Православниот свет во гонители на Христовата Црква. Затворите за Архиепископот Јован, судските процеси и пресуди за Епископи, монаштво и верници, лисиците на рацете на свештениците, ударите врз монахињите, малтретирањата на мајките пред нивните малолетни деца… тоа е единствената „љубов“ која сте кадарни да ја покажете. Ете, тоа е вашата „љубов“ со која вие одговарате, а гледано низ есхатолошка перспектива, таа „љубов“ вам ќе ви пресуди.