Во блиското минато, пишувавме дека новинарот Александар Чомовски во емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма, на 13. 04. 2015 г., недвосмислено истакна дека: „без комунизмот немаше да ја имаме МПЦ“.

Сѐ поголем број интелектуалци, сфаќаат дека постоечките проблеми во нашето општество не се решаваат со нивно дополнително митологизирање, туку напротив, со демитологизирање на реалноста. Еден од големите митови на нашата современост е митот за автокефалноста на расколничката МПЦ, којшто е негуван од политичките партии, без разлика на нивната лева, десна или друга провиниенција, што само сведочи за нивната тоталитаристичка идеолошка матрица.

Новинарот Бранко Тричковски , на 21. 01. 2016 г., во емисијата Вин Вин, на 24 Вести ТВ, изјави: „Ние сме нација во еден многу голем дел втемелена на лаги, апсурди и лажни митови“, продолжувајќи дека треба да се има храброст, тие теми да се отворат и лажните митови да се растурат.

https://www.youtube.com/watch?v=https://youtube.com/watch?v=p4EVHmT8DDw

За едно општество е прилично конструктивно кога сѐ поголем број луѓе од јавната сфера слободно го изразуваат своето мислење, дури и по цена и да бидат стигматизирани како „предавници“, што во нашите околности најчесто и се случува. Сепак, отворањето на проблемот води кон негово решавање, а митологизирањето на проблемот води кон негово продлабочување. Штета што митот за МПЦ не го решаваат нејзините расколнички епископи, но очигледно, толкав е нивниот капацитет, а и премногу удобно живеат за да го жртвуваат митот за вистината.

Значи, недвосмислено и кристално јасно е дека автокефалијата на расколничката МПЦ е една голема лага во нашето општество, тема што треба да се отвори, лажен мит што треба да се сруши.

Не дека нашиот народ не треба да има автокефална црква, иако помеѓу автономијата и автокефалијата нема суштинска разлика. Значи, напротив, треба да ја има автокефалијата и нека ја добие час поскоро на начин на кој тоа се прави согласно на црковното предание за таа автокефалија да биде сѐопшто прифатена во Православието. Бидејќи, очигледно овој мит од комунистичка автокефалија на расколничката МПЦ ниту некој во Православието го прифаќа, веќе безмалку 50 години, ниту ќе го прифати било кога. Бидејќи некои политички назначеници се занимаваат кој до кого седел на сеправославните собири, а не гледа дека сите седат заедно, горенапишаните редови имаат и своја медицинска цел – доколку некој не сака да ја открие раната, таа може да фати гангрена и да биде ампутирана, а ако ја отвори ќе биде излечена. Митот за комунистичката автокефалија на расколничката МПЦ е гангренозна рана на телото од нашето општество и треба да почне да се лекува. Припадниците на канонската Црква во нашата татковина имаат храброст да укажат на тоа.