На 31.01.2014 г., неделникот „Плоштад“ го објави инервјуто со младиот расколнички митрополит Јосиф од Куманово. Искрено кажано, се мислевме, како верници на Соборната Црква, дали воопшто да го коментираме тоа интервју, па на крај ни преовладеа мислењето дека сепак сакаме да му помогнеме на дедото Јосиф, со цел што поретко да му се повторуваат вакви промашувања.

Расколничкиот митрополит Јосиф вели: „Црквата не може да се разбере од некој што не ја разбира Литургијата“. Со тие зборови тој самиот за себе сведочи дека тотално не ја разбира Црквата, бидејќи очигледно не ја разбира ни Литургијата. Ако ја разбира Литургијата, зошто не се качи во превозно средство, па да отиде во Софија, во Москва, во Цариград, во Јерусалим… па да ја служи соборната Литургија со тамошните православни владици и свештеници, како што овде, на овој профил, гледаме дека таква соборна Литургија служи Архиепископот охридски Јован. Но, очигледно, литургијата на дедото Јосиф не е иста со Литургијата на соборната Црква, која дедото Јосиф ја има предадено и засега нема шанса да ја служи. Со неговото користење на православен речник за да искаже приватни расколнички сфаќања, тој доаѓа во судир со самиот себе и покажува еклисиолошка неписменост. Ние чувме како неодамна еден старец, предавниците на канонската Литургија впечатливо ги нарече – Јудини сватови.

Потоа, дедото Јосиф се занимава со уште едно многу, многу, многу битно прашање, а тоа е поставеноста на елементите во храмот, како на пр. местото за палење свеќи и слично. Значи, мора да признаеме дека малку се прави недоветен па ни расприкажува како да се разместува инвентарот во храмот. Каде ќе го ставите овој свеќник, каде оној. Што е премногу, премногу е за јавен настап на еден владика, па макар и расколнички. Очигледно нема поим што и како да одговори за суштинските прашања, на пр. што ќе направи за да ја извади МПЦ од состојбата на раскол во која се наоѓа, дали е христијански МПЦ да го тужи по светски судови Архиепископот охридски Јован, но и други прашања, Сопиште, судските процеси во Австралија, па да чуеме од еден млад човек свежо мислење за угледот и организацијата на МПЦ, кога веќе не може аргументирано да збори за Литургијата. Да имаше поим да одговори на тие актуелни прашања, тогаш сигурно и тие прашања ќе беа поставени. Жално е млад човек да троши зборови за местото на палење свеќи и други небитни нешта, а за битните да покажува толкава безидејност.

И, да привршиме. Дедото Јосиф пред да стане расколнички митрополит, за нас беше анонимна личност. Затоа ја разбираме неговата потреба сега да им се допадне, да им се додвори на другите. Можеби така сака да се подготвува за некое друго место во МПЦ во иднина. Но гледано од страна, не за оние што одат два-три пати годишно во храмовите да запалат свеќа, туку дури и за не мал број од искусните верници во МПЦ, ваквите одговори на дедото Јосиф се јалови, ваквата побожност на младиот расколнички митрополит, претставува интоксикација на самата МПЦ и ни ја доловува неговата автокефалија во заблуденоста.

Ако ништо друго, оние браќа и сестри од МПЦ што нѐ познаваат, знаат дека овие зборови не ги напишавме бидејќи имаме нешто против личноста на дедото Јосиф. Во текстот нема лични квалификации, туку анализа на зборови изговорени од личност што ја сакаме, а која не сакаме лажно да ја тапкаме по рамо. 

На фотографијата: Архиепископот охридски Јован служи соборна Литургија во сослужување на игуменот и јеромонасите во манастирот Симонопетра на Света Гора.