На празникот „Животоприемен извор”, Неговото Блаженство, Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован, служеше и проповедаше во Ставропигијалниот манастир „Св. Јован Златоуст“, во Битола. Празникот „Животоприемен извор” е слава на истоименитата црква, што власта во Р. Македонија ја сруши во 2004 година.

Во својата вдахновена беседа, Архиепископот меѓу другото рече:

„На празникот Животоприемен извор, браќа и сестри, ја прославуваме славата на црквата што ни ја срушија властите во оваа наша татковина. Како што ви е познато беше изградена до покрив и дојдоа на полноќ во октомври 2004-та година, ако се сеќавате една цела чета до заби вооружени полицајци да ги обезбедуваат тие што ни ја рушеа црквата. Тогаш изјавивме дека христијаните два милениуми градат, а безбожниците во таа многувековна историја срушиле многу од тоа што христијаните го изградиле. Но, никогаш тие што рушат не можат да срушат толку колку што христијаните можат да изградат. Од едноставна причина што нивната вера е домостроителна.

Пред неколку денови, две личности кои често ги има по медиумите, изразија несогласување за тоа што во Велигденската порака напишавме дека „шарената револуција” е превреднување на вредностите. Навредливо и омаловажувачки, се обидоа да нè сместат во некои групи и клубови, критикувајќи нè дека сме фаќале страна во поларизиранaта клима на криза, во која се наоѓаме. А нашата жртва за единството всушност ги побива уште во почетокот. Додуша, ние направивме жртва за единството на Црквата и тоа го сметаме за најдостојно, но не ја омаловажуваме и секоја друга жртва за друг вид на единство, било тоа да е граѓанско, национално, политичко, социјално.

Вистината не се докажува без аргументи. Нашите критичари, пак, се без аргументи, груби и со голема доза на омраза, иако во нивните текстови милуваат да нагласат дека не ширеле говор на омраза. Секој кој е барем малку отворен кон иднината и не се соочува со неа со страв, уште денес може да насети дека придобивките од „шарената револуција” ќе бидат многукратни. Пред сè по однос на правата и слободите на граѓаните во нашата татковина, она што барем нас, на припадниците на Охридската Архиепископија ни е ускратено веќе 14 години, а според одѕивот на протестите во „шарената револуција“, очигледно е дека им било ускратено и на други. Постојат секако и многу други аргументи дека „шарената револуција” ги превреднува вредностите, и ако некој тоа не го гледа, не само што е слеп, туку и глув и бесчувствен. Згора на сè дури и нелогосен.

Но, најчудно е што личностите што јавно нè критикуваат, бараат со нас јавна полемика, при тоа не давајќи ни простор во медиумот во кој тие објавуваат, а тоа е весникот „Дневник”, да дадеме одговор. Е, токму таа извитоперена вредност на монополизирање на вистината и правдата ја менува „шарената револуција”. Чуму ни е држава што ни ги гуши правата и слободите? Државата постои за нас, не ние за државата“, рече Архиепископот, меѓу другото, во неговата празнична беседа на празникот Животоприемен извор.

Објавено во +Инфо