arhiepiskop hovan 17 godini hirotonija 03

Сведоци сме дека веќе подолго време и нашата татковина е на некаков крст. Званично, прогласена е револуција, без оглед што таа го носи името: „шарена“. Секоја, пак, револуција се прави заради превреднувања на вредностите. Нешто што е многу потребно на општеството во кое живееме. Вредностите што се усвоени уште од времето на комунизмот останаа, за жал, во нашево општество непревреднувани. По падот на комунизмот речиси ништо не променивме од лажните вредности и последиците од тоа ги трпиме денес.

Животот во лажни вредности не ја покажува неговата распадливост веднаш, туку по одредено време. Сите овие години наназад добивавме сигнали дека таквиот живот основан на лага ќе нѐ одведе во пропаст. Но, за жал, нашето обезбожено општество немаше сили за превреднување на вредностите.

И сега сме во криза. Криза со широк обем, зашто не е веќе само криза на вредностите, туку постана сеопшта општествена криза. Од криза на врeдностите постана криза на моралот, од криза на моралот – криза на семејството, од криза на семејството – криза на севкупниот социјален живот, од криза на социјалниот живот – криза на институциите, а тоа значи криза на државата.

Луѓето што денес ја образуваат „Шарената револуција“ почна да ги гуши неправдата, која веќе влезе на голема врата во нашата држава. И со право креваат глава за да ја вдишат слободата без која нема живот. Единствено што пречи е недоследноста на некои од тие луѓе што денес ја предводат „револуцијата“. Кога нас почнаа кривично и судски да нѐ гонат уште во 2002 г., а како што е познато гонењата не престанаа до денес, и тоа само затоа што се спротивставивме на лажните вредности на општеството и на фалсификуваната национална историја во многу области, никој или малкумина се проблематизираа од таквите гонења. Во тоа време таквите гонења беа насочени кон „предавниците“, како што нас нѐ нарекоа. За жал, или за среќа, во овие четиринаeсет години предавници станаа многумина. Денес власта ги препознава како предавници и сите учесници во „Шарената револуција“. Но, долго време, долги години да бидеме „предавници“ беше само наша привилегија, на Вашиот архиепископ и на сите Вас што припаѓате на Охридската архиепископија.

Еве што донесе нашата упорност и доследност. Донесе превреднување на вредностите. И тоа веќе никој не ќе може да го запре. Зашто само превреднувањето на вредностите може да биде излез од длабоката криза во која нѐ втурнаа лажните вредности.

Токму тоа им го посакуваме на нашите сограѓани во денот на Воскресението Христово. Неговото подигање од мртвите да биде подигање на сите за нов живот и нови вредности, потврдени, докажани и испробани.  Христос Воскресе!

Превземено од Слободен Печат