(извадок од завршниот збор на Архиепископот охридски Јован, за предметот V.KOK бр. 59/12, изговорен на 08.11.2016 година)

Злосторство е да му го одземеш на човек тоа што му припаѓа и го стекнал на дозволен начин. Да не говорам дека тоа е грев кој го разгневува Бога, зашто на тој начин не само што се прави неправда кон човекот на кој му се одзема нешто што го издвојувал од устата, туку се дава лош пример на целата заедница, дека некој може да живее на грбот и на маката на другите. Но, грозно е кога таквата неправда ја прави судот. Стариот Завет е полн со примери дека Господ нема милост за неправедните судии и дека таквите судии редовно се искушувани од гневот Божји.

Но, не само тоа, многу мои претходници на архиепископскиот трон, меѓу кои и последниот пред укинувањето на Охридската Архиепископија, архиепископот Арсениј, луто проколнале кога се правела јавна и груба неправда. Многу луѓе кои денес ги славиме како светители исто така ги проколнале оние кои се дрзнале да одземаат туѓ имот, меѓу кои познат е примерот на Свети Василиј Острошки. А што ги снашло проколнетите, на сите ни е познато.

Од 2002 година до денес против мене се водеа 9 кривични и 1 прекршочна судска постапка. Нормално, сите пресуди во моја штета. Но, во ниту една од тие судски постапки, иако ми беа правени очевидни неправди, никого не сум проколнал. Едноставно затоа што сите мои неправди беа насочени директно кон мене, иако заедно со мене сострадаа многумина. Немам храброст пред Бога да се пожалам за она што сам го трпам, па дури и да е тоа неправедно. Но, не само што имам смелост, туку имам и слобода да барам од Бога да ги заштити оние на кои им се прави неправда.

Затоа сега без премислување луто ќе проколнам: ако судот во оваа судска постапка го одземе имотот, што им припаѓа и правно и морално на обвинетите, и истиот им го подари на оние на кои не им припаѓа, ниту правно, ниту морално, тогаш Господ да им го одземе најмилото на тие што ќе учествуваат во таква неправда која самата вика за Божјата освета. Ова како што гледате, не го кажувам во гнев или пак со злоба, туку мирно плачам пред Господа за неправдата што им се прави на овие луѓе. Затоа, пред да донесете одлука да им го одземете имотот на овие луѓе, господо судии, поротници, јавни обвинители, допрашајте се со вашите сопружници дали ќе ве поддржат да ви биде одземено најмилото, зашто тоа што можеби вас ви е најмило, најмило им е и ним.

Вина секако постои и кај оној што подигнува неправедно обвинение, но сепак најголемата тежина за направена судска неправда е врз судиите што судат и овде не може да има изговор дека морале да судат неправедно затоа што тоа некој од нив така го барал.

Целиот текст на Завршниот збор, можете да го прочитате на овој линк!