Непобитен е фактот дека во православниот свет МПЦ не е автокефална Црква. Поточно речено не е ни дел од Соборната Црква.

И не е пристојно да ги тера другите на сила да ја прифатат. Но, по сѐ изгледа, МПЦ не е автокефална ниту за по дома. Ова го пишуваме со сочувство кон верниците, браќата од МПЦ и со надеж за идно единство, а не го пишуваме со злорадост. Во 1967 г., тогашните власти ѝ дадоа „автокефалија“ на МПЦ, за да можат токму тие да ѝ бидат глава, отсекувајќи ја МПЦ од нејзината дотогашна Глава – Христос, отсекувајќи ја од Телото Негово, т.е. од Соборната Црква. 

Згора на сѐ, при нарушен принцип на одделеност на државата од црквата, епископите на МПЦ и тогаш кога посакаа да го решат нивниот проблем со расколот, сепак не можеа, а да не потклекнат пред трулежните интереси на минливите политичари. Замислете, во 21-во вековна демократија, политичарите јавно побараа казни за „автокефалните“ епископи на МПЦ. Такво нешто ниту се чуло, ниту се видело во напредните, цивилизирани демократии.

„Претседателот на Комисијата за верски заедници, Ѓорѓи Наумов, беше првиот што реагираше… тој побара владиците на МПЦ на денешната седница на Синодот да покажат единство и да го отфрлат Нацрт-договорот, што е штетен за Црквата, државата, македонскиот народ и, пред сѐ, за верниците.“ Зар Ѓорѓи Наумов со неговиот политички бекграунд од едноумието, знае поточно од синодот на МПЦ што е подобро за МПЦ? Зар сите македонци се православни, па да ги става во еден кош, под неговото пропагандно користење на: македонскиот народ? Каква врска со МПЦ имаат македонците муслимани, атеисти, агностици, антитеисти, будисти…? Свесен ли е што зборува кога вели: штетен е за Црквата, а пред сѐ за верниците? Што е штетно за државата, кога верските заедници се одделени од државата? Или сепак не се?

„Атанас Миовски побара тројцата владици кои го потпишаа документот во Ниш да бидат црковно казнети, а црковните власти да размислат подобро и во иднина на преговори да не испраќаат луѓе кои не ѝ мислат добро на МПЦ.“ Луѓето што се Црква ќе го разберат ова прашање: дали, кога Атанас Миовски би верувал во Овоплотениот и Воскреснатиот Христос би го побарал ова? Од каде му е тоа право и власт на Атанас Миовски да бара да бидат казнети владиците од МПЦ? Што ги превоспитало тројцата владици тогаш да не ѝ мислат добро на МПЦ, а сега да ѝ мислат?

„Абдурауф Пруси се придружи кон општата осуда на потписите на владиците, забележувајќи дека тие таму не отишле сами, туку некој ги испратил.“ Дали МПЦ се должни молчешкум да го трпат притисокот, заканите и осудата на Абдурауф Пруси и да се поведуваат според неговото инсистирање?

Овој текст од „Утрински весник“ веќе изгледа доволно индикативно, а како ли ќе изгледа пред судот на црковната историја? Или пред судот Божји?

Ставовите на гореспоменатите политичари (на кои веќе им е поминат рокот на траење), го потврдуваат ширум православниот свет познатиот факт, дека Архиепископот охридски г.г. Јован е казнет од политичарите за тоа што го оствари единството со Соборната Црква. Казнет е и уште бива безмилосно казнуван со затвори, со тортура.

Тој страда по затворите само затоа што, спротивно на волјата на политичарите, ја внесе Црквата во Р. Македонија во литургиско и канонско единство со сите помесни православни цркви. И таа Црква, заедно со нејзиниот Претстојател Архиепископот г.г. Јован, денес бива прогонета од страна на поединци од државниот апарат, а не од страна на народот, бидејќи членовите на Православната Охридска Архиепископија се самиот народ на Р. Македонија, во најголемиот дел македонци, а зошто да не и други.