Во весникот „Дневник“ (27.01.2014), отпечатен е насловот „Грчката Црква и СПЦ се во државен скут, а не МПЦ“! Едноставно и сликовито, народната мудрост на ваквите написи би одговорила со: крадецот мисли дека сите крадат!
Ние нема да се послужиме со тој говор, но ќе се осврнеме на исказот на дедото Тимотеј, кој вели: „таквите тврдења дека сме црква што ја направиле новите државни (читај: комунистички) власти сме ги слушнале повеќепати“… Зошто вели: сме ги слушнале повеќепати?

Упатуваме на следнава референца: во 1958 г., Иницијативниот одбор за организирање на МПЦ, во присуство на 219 делегати, свештеници и мирјани, донел одлука за обнова на МПЦ! 

Дали, според православната еклисиологија е возможно свештеници и мирјани да формираат иницијативни одбори за да донесуваат одлуки за создавање на црква! Се чини, доколку тоа е можно, во иднина и други свештеници и мирјани би можеле да го следат овој пример, со кој МПЦ праќа порака со лоша, погрешна содржина! Дали тие свештеници и мирјани знаеле дека Соборната Православна Црква е епископална и дали знаеле што значи Епископски Собор? Како е тогаш возможно прво да ја „обноват црквата“, па дури потоа да го востоличат Доситеј! Кај се чуло и видело попови и мирјани да востоличуваат Архиепископ? Дали Доситеј бил викар на српскиот Патријарх, и дали можеби постојат документи дека Доситеј бил киднапиран од припадници на државниот апарат и на сила спроведен во Скопје од Белград? 

Потоа, Македонскиот црковен собор донесува одлука со која, како што слушаме ја „санкционирал самостојноста на црквата“, а синодот на МПЦ во 1967 свикува собор на кој, со комунистите во публика, ја самопрогласува МПЦ за автокефална. За жал, токму на оваа комунистичка естетика прикажана во видео-прилогот и денес се темели „автокефалијата“ на МПЦ во очите на православниот свет. 

Само на комунистите изгледа не им било јасно дека Епископите не самопрогласуваат автокефалност, туку дека автокефалноста на една Црква е дело на сеправославно прифаќање. Затоа МПЦ нема проблем со СПЦ, туку ниту една друга помесна црква не ја признава МПЦ.

Ете, затоа дедото Тимотеј вели: тврдењата дека сме создадени од властите сме ги слушнали повеќепати. Како и да не го каже тоа, кога ова видео и многу, многу други вакви факти им се познати на сите помесни православни цркви. Следствено, како воопшто очекуваат од МПЦ да им биде признаен пучот, на никого во Православието не му е јасно! 

Но, решение има и со него особено би требало да се позанимаваат, не ние верниците од ПОА и МПЦ, туку денешните епископи на МПЦ кои лично не придонеле за расколот, туку само го негуваат, под притисок на нецрковни политичари! Имено, и Бугарската егзархија после децениите раскол, во 1945 г., сепак се обрати со длабоко покајание кон Цариградската Патријаршија од која се беше отцепила. Цариград е тој што ја прифати во единство, но рангот на Патријаршија ѝ го даде дури во 1961 година. Ете, така се решаваат проблемите.

МПЦ треба под итно да го ослободи Архиепископот охридски Јован од затвор и да пристапи со преумување за минатото, да се вложи во разговор за враќање во единство со Соборната Црква. Бидејќи доколку се смета за автокефална, станува веќе невкусно на сила да им се нуди на другите како таква. Во Соборната Црква никој нема ништо против автокефалијата на МПЦ, и тоа многупати е јавно кажано, но доколку таа се случи на православен, а не на комунистички начин.