Господ ни е сведок дека ние во Соборното Православие немаме никакви неубави чувства за расколничкиот поп Стефан Санџаковски, туку напротив можеме да речеме дека ни е симпатична фигура, голем водач кој може да покрене широки народни маси, човек, светски познат теолог, како сакате наречете го.

И стварно е интересно да се види како овој расколнички поп со толкава леснотија се впушта во нешта кои според природата на нештата за него се тотално непознати. Во интервјуто за Дојче Веле, расколничкиот поп Санџаковски вели: „помеѓу одредени помесни православни цркви односите се безмалку сериозно нарушени, студени и рамнодушни“! Од кај знае тој какви се односите кога самиот е ракоположен во раскол и никогаш во животот не служел соборна Литургија. Изгледа, човеков, водачов, теологов, гуруто Санџаковски има непријатна навика да ѕирка по туѓи соби и потоа да прераскажува какви им се односите на луѓето кај кои ѕирнал, но никогаш не влегол. И тоа го прави демек на дипломатски начин за да ги удоволи сите страни. Изгледа теологов има потреба да се допадне. Некаков теолог е, но каков е ќе можеме да видиме дури откако македонскиот пазар ќе се отвори за влез на православни теолози. 

Ние нема да навлегуваме во тоа дали му се безмалку нарушени и колку му се топли односите на расколничкиот поп Санџаковски на пример со дедовците од МПЦ, со кои сакате, почнувајќи од Тимотеј, па до Стефан и Петар и.т.н. А можда и не се само дедовците во прашање туку и скоро сите свештеници на МПЦ. Кога подобро ќе се погледне Санџаковски е своевиден раскол во расколот. И додека расколничката ерархија се среќава помеѓу себе на расколничките богослужби, кога последен пат некој го видел Санџаковски да отиде некаде каде што служи дедо Стефан, дедо Тимотеј, дедо Петар или да служи со некој свештеник… веројатно ни на една рака не можат да се избројат таквите скапоцени мигови Санџаковски да сослужува со презрените и под ниво дедовци или колеги попови. На ширење на презир кон нив Санџаковски ја гради својата личност. Е сега еден таков par excellence расколнички менталитет ќе ни раскажува на нас какви биле односите внатре во црквата, но затоа таквиот никогаш нема да нагласи дека и покрај сѐ во црквата братски сослужуваат како на пример лани во Ниш (каде не го видовме Санџаковски) и заеднички се причестуваат сите „студени и рамнодушни“ Патријарси, нешто што дај Боже и Санџаковски да доживее да го вкуси, па дури тогаш да може да се каже потомок на зографскиот игумен, кој патем кажано како цариградски клирик никогаш не бил во раскол како што е во раскол овој поп Санџаковски.

Сакаме да бидеме искрени и да кажеме дека не баш радо ги пишуваме овие зборови, и засега тука ќе застанеме, но кога расколничкиот поп Санџаковски не се срами да го клевети Архиепископот охридски Јован и помесните цркви во интервјуто за ДВ, тогаш вистинољубивата јавност има право да знае кој е тој што ги проценува и им суди на Архиепископот охридски Јован и Православието.

Само уште едно прашање. Санџаковски вели: „со канонската разврска на нашето црковно прашање проблемот со Православната Охридска Архиепископија сам од себе ќе отпадне“. Како планира расколничкиот поп Санџаковски дали СПЦ да напише нов Томос за автономија или МПЦ ќе треба да го прифати веќе издадениот на Православната Охридска Архиепископија?