Ако сите Цркви велат прво да биде ослободен Архиепископот Јован, тогаш само глувите мислат дека неговото ослободување не е почеток на решението.

На ТВ 24Вести, во емисијата „Анализа 24“, на 09. 05. 2014 г., се водеше дебата помеѓу новинарите Зоран Бојаровски и Марјан Николовски во однос на проблемот со расколот на МПЦ и ослободувањето на Архиепискпот Охридски Јован од затвор.

Еден мудрец вели дека мудрите луѓе зборуваат затоа што имаат што да кажат, додека неразумните затоа што треба да кажат нешто. За жал, новинарот Марјан Николовски учествуваше во дебатата само затоа што нешто требаше да каже, а со тоа што го кажа посведочи за сопствената богословска неписменост, недостаточност на елоквенција и целосно отсуство на новинарско визионерство. А, кога човекот нема знаење, нема ниту оправдание да поседува мислење.

Ќе анализираме, по хронолошки редослед, неколку клучни искази на новинарот Марјан Николовски, коишто ќе ги чуете од емисијата, чиј линк се наоѓа во прилог на оваа анализа. Неговите искази сведочат колку е контрапродуктивно да се зборува од сопственото непознавање на Црквата или да се измислуваат невистини за палење на народните маси, во чувствително време.

01. На почеток, не е на одмет малку и да се пошегуваме со новата титула на Марјан Николовски. Имено во посочената емисија Марјан Николовски се промовира себе си во Амди Бајрам на македонското новинарство со неговата пословична проценка, велејќи дека Архиепископот охридски Јован: „сега (додека е во затвор) има нула влијание, а ако излезе на слобода ќе има минус десет проценти влијание“. Според кои критериуми Амди Бајрам и Марјан Николоски ги мерат процентите ќе остане мистерија за македонската јавност.

02. Во неговиот настап новинарот Марјан Николовски не ја кажува вистината, кога вели дека Рускиот Патријарх сметал дека создавањето на Православната Охридска Архиепископија е погрешен чекор. Прво, во времето на формирање на Синодот на ПОА, Руски Патријарх не беше Кирил, туку Алексеј. Нема да расфрламе непоткрепени изјави како што тоа го прави Марјан Николовски, туку ќе пренесеме цитат од писмото, кое Патријархот Алексеј му го испратил на Патријархот Павле, по повод пристапувањето на тогашниот Митрополит Велески Јован, а сега Архиепископ Охридски, во единство со Соборната Црква: Руската Православна Црква ја поддржува позицијата на Светата Српска Црква во однос на даденото прашање, сметајќи дека неговото решение се наоѓа исцело во Ваша компетенција. Ние сега искусуваме утеха во Господа, зашто Митрополитот Велески Јован стапил во канонско заедичарење и единство со Вашата Светост. Се надеваме дека нашата заедничка радост наскоро ќе ја достигне својата полнота кога и останатите собраќа на Митрополитот Јован ќе бидат примени во канонско заедничарење, пишува блаженопочившиот Руски Патријарх Алексеј (28 Јуни 2002 г., бр. 3727, види „Заради Идното Царство“, стр. 153)

03. Марјан Николовски не зборува вистина ниту кога вели дека Епископот Иринеј Буловиќ е Македонец од Горна Белица. На интернет може да се види дека Епископот Иринеј Буловиќ е роден во Војводина, а потеклото му е од Далмација, та следствено Буловиќ од Горна Белица во ниту еден случај не е Владиката Иринеј. Таа приказна си ја имаат измислено во расколничката МПЦ за да ја замајуваат македонската јавност, без приказната да претставува некаков аргумент. Марјан Николовски во својата интелектуална недостаточност сака и домашната јавност да поверува во шарената лага дека сите Православни Цркви се заложници на Владиката Иринеј. Се разбира Томосот за автономија на ПОА не го донесе Епископот Иринеј Буловиќ, туку го изгласа целиот Собор на СПЦ без ниту еден глас против, и потоа за тоа ги информира сите помесни Цркви испраќајќи им го споменатиот Томос на увид.

04. Исто така, Марјан Николовски со своето незнаење ја дезинформира македонската јавност со прашањето: Зошто СПЦ сега, на 15 Мај, не му потпише автокефалија на Јован Вранишковски? И станува агресивен со ставот дека Митрополитот Амфилохиј во неговото интервју за „Слободен Печат“ воопшто не спомнувал автокефалност. Еве, читателите сами нека се уверат дали е така. Митрополитот Амфилохиј за „Слободен Печат“ (26.02.2014 г., бр. 106) вели: „Се надевам дека некогаш ќе им стане јасно на сите во Македонија: Православната Српска Црква не дава и не може да даде автокефалност; таа единствено може да им предложи на Цариград и на сите други Православни Цркви конечно добивање автокефалност, но дури тогаш кога МПЦ ќе се врати во канонска состојба. Архиепископот Стефан и сите епископи во МПЦ тоа добро го знаат, не еднаш сме разговарале за тоа со нив. Тоа им го потврдија во разговорите како Цариградскиот, така и Московскиот Патријарх (последниов и во неодамнешниот разговор со господин Иванов, претседателот на Р. Македонија). Всушност, тоа беше и основата на Нишкиот договор. Наместо да тргнат по тој единствен канонски пат, тие, за жал, упорно се држат до својот самопрогласен статус на „автокефалност“, останувајќи во раскол, надвор од целовитоста на Православната Црква, согласно со она што им го кажа Епископот Шумадиски Сава, при средбата во манастирот „Св. Наум“: „Еве ти ништо, држи го цврсто“.

05. Марјан Николовски едноставно не зборува вистина кога вели дека ПОА не е автономна црква, па ги спомнува само Финската и Естонската, зашто само нив ги видел на сајтот на Вселенската Патријаршија. Тој нема капацитет да сфати дека тие се автономни цркви во канонското подрачје на Константинополската Патријаршија, а ПОА е автономна во канонското подрачје на Пеќската Патријаршија. Без Томос за автономија нема автокефалија. ПОА го има, расколничката МПЦ го нема. Може да има сто епископи, безброј храмови, џабе ќе ѝ биде кога го нема суштинското, а тоа е Соборноста.

06. Истовремено, Марјан Николовски лаже за нешто што им е познато дури и на најнеупатените. Имено, вели дека Црногорската Митрополија е Архиепископија. Но, и врапчињата го знаат тоа што не му е познато на залутаниот Марјан Николовски. Црногорската Митрополија не е Архиепископија и Црногорската Митрополија нема Томос за автономија каков што има ПОА, а нема ниту свој Синод каков што има ПОА. Разликата е видлива и во титулата на Црногорскиот Митрополит кој е Високопреосвештен Архиепископ цетињски на Митрополијата Црногорска, а кај нас станува збор за Блаженејши Архиепископ Охридски на Архиепископијата Охридска која има свој Томос за автономија, кој сметаме дека радо би го споделиле со МПЦ, бидејќи МПЦ го нема и никогаш го немала.

07. Марјан Николовски тврди дека: „проблемот (на МПЦ) не може да се реши“, дури и му импутира на Митрополитот Тимотеј велејќи: „прашајте го и он ќе ви каже дека нема да се реши проблемот“. Ова не би го коментирале, читателите сами нека проценат за каква личност, со какви црни дупки, станува збор. Дали можеби припаѓа на политички структури кои не дозволуваат МПЦ да излезе од раскол!

08. Исто така, Марјан Николовски вели дека името Пеќска Патријаршија е форсирање на национал-шовинизам. Како е возможно тоа, кога тој назив во себе не содржи никаков национален предзнак, туку само географски предзнак, тоа веројатно му е јасно само на Марјан Николовски. Проблем му било што Пеќ се наоѓа на Косово. Па и Антиохија се наоѓа во денешна Турција, па тоа не значи дека Антиохиската Патријаршија која се наоѓа во Сирија има претензии кон Турција. Но, за Марјан Николовски тоа е преголем интелектуален залак за да го голтне. Според неговиот стеснет светоглед сите древни цркви со нивните еклисиолошки називи: Цариградска, Александриска, Антиохиска, Јерусалимска… мора да форсираат нешто, па ќе чекаме во некоја следна прилика Марјан Николовски да ни одговори што форсираат?

09. За Марјан Николовски проблем е и канонизацијата на светиот Николај охридски и жички, која ја имаат прифатено буквално сите православни Цркви. Ние нема да навлегуваме тука во верската припадност на Марјан Николовски и дали таа му дозволува да го прифати тоа што го прифатиле сите православни, тоа си е негово интимно право. Тој тврди дека свети Николај бил соработник на Германците бидејќи добил ореден од Хитлер. Но, не кажува вистина кога вели дека свети Николај обновил, како што посочува: „нацистички гарнизон во Битола“. Не се ни прашува од каде во 30-те години нацистички гарнизон во Битола. Вистината е дека свети Николај, години пред да почне Втората светска војна ги уредил руинираните германски гробишта во Битола, што претставува христијански чин на љубов за сите, за што подоцна му бил испратен орден. Но, да не заборавиме дека постојат снимени сведоштва на Евреи кои биле спасени од нацистите, токму од страна на светиот Николај, а најголемото сведоштво против Марјан Николовски е фактот дека светиот Николај бил испратен и робувал во нацистички концентрационен логор во Дахау, кадешто и го дочекал крајот на војната. Но, Марјан Николовски бивајќи неупатен, а со цел да ги хушка неупатените, шири лаги за светиот Николај, ставајќи го во контекст на неговите пословични марјановски фрустрации на тема српски национализам.

10. Исто така, ќе истакнеме дека Архиепископот Јован не е ракоположен само од Кирил, туку Кирил учествуваше во ракополагањето, бидејќи не е можно само еден Епископ да ракоположи друг Епископ, туку во ракополагањето треба да учествуваат најмалку тројца Епископи, а на ракополагањето на Архиепископот Јован учествуваа сите останати тогашни епископи на МПЦ. И тие доколку се покајат ќе бидат примени во Единство и Соборност, бидејќи засега ја имаат само амбалажата, но не и суштината на Православни Епископи.

11. Марјан Николовски инсистира на тоа дека: „проблемот е во Белград“, но факт е дека Белград нема проблем, туку проблем има МПЦ. Духовните закони велат дека додека човек не си ја открие и освести својата неспособност, не може да оди напред. На МПЦ секогаш некој друг ѝ е виновен, но таа не сака да признае дека фактот што не е во единство се должи токму на нејзината неспособност. Понекогаш остава впечаток на духовна блудница која на сила им се нафрла на другите и ги обвинува зошто не сакаат да ја примат. Нека се преуми за духовниот блуд на расколот и примена ќе биде.

12. Марјан Николовски уште вели дека владиците на МПЦ не ја донеле идејата за автокефална МПЦ, бидејќи тогаш „владици и свештеници не постоеле“, додавајќи дека „народот ја создаде МПЦ“, па дополнува дека „народот создал владици и свештеници“. Со тоа Марјан Николовски само сведочи дека Комунистичката партија ја создала МПЦ, бидејќи Црквата ја има создадено Христос, и неа не ја создава народот, туку народот е составен дел од Црквата, или по свој избор не е, но тоа е виша математика за Марјан Николовски, кој не знае што зборува, кога зборува за Црквата.

Разговорот помеѓу Зоран Бојаровски и Марјан Николовски помогна да се разбие мразот што постои во однос на темата за којашто се разговараше и сметаме дека на секој трезвеномислечки човек ќе му биде лесно да ја види онтолошката провалија што постои помеѓу Црквата и расколот во кој пребива МПЦ. Немаме ништо против било која професија, но впечатокот е дека и луѓето кои продаваат на пазарите и заради таа работа не се во можност да читаат за деталите на теолошкиот аспект на проблемот на расколот, сепак се поупатени од Марјан Николовски, кој се покажа богословски неписмен и задрт во своето незнаење. Сакаме да веруваме дека мнозина наши браќа од МПЦ, кои очекуваат решение на нивниот проблем, вчера се срамеа од Марјан Николовски. Затоа, доколку МПЦ водат сметка за својата чест и за својот углед, уште денес би требало да излезе со соопштение во кое ќе се огради од ставовите на Марјан Николовски, изречени во спомнатата емисија.

Сепак, и покрај сѐ, од страна на новинарот Зоран Бојаровски беше подадена рака и до Марјан Николовски и до целата МПЦ. Новинарот Зоран Бојаровски дејствително ја посведочи перспективата на отвореност, перспективата на подадена рака за премостување на провалијата. Оние, кои тоа нема да можат да го видат, не велиме ние, туку цитираме зборови на светиот Јован Златоуст, ќе си останат уште една суварка за во огнот.Ја завршуваме оваа анализа придружувајќи се на повикот на Митрополитот Тимотеј за ослободување на Архиепископот Охридски Јован. Дури и Марјан Николовски се сложува дека затворот на Архиепископот Јован е проблематичен за имиџот на Р. Македонија. Нека излезе Архиепископот Охридски Јован од затвор за да почне дијалогот за конечно решавање на проблемот на расколот и сите да придонесеме за посакуваниот исход, за конечно сите едно да бидеме, како што пишува во Евангелието на светиот Јован Богослов.

{dailymotion}x1tstyy{/dailymotion}