Партениј и неговото хипертрофирано его, заради прославата 1000 години (од кои последните 50 му се во раскол), ја држи целата држава отворена, за, по денот на неговата прослава, да ја дотера бројката до 1000 заразени.
Дури и медиумите со национална концесија, бесплатно емитуваат ТВ спот повикувајќи за што побројно присуство во Бигорски, а јавниот сервис МРТВ ќе врши директен пренос од настанот.

Во Романија властите, заради Ковид, го откажаа дури и традиционалното славење и поклонување на моштите на Света Петка, а нашите политичари, синкир се поголеми верници од Романците, и при 500 заболени дневно, како да се опчинети и да немаат друга попаметна работа, му организираат приватна журка и упорно му го тераат ќејфот на расколникот Партениј. Слушаме Стевошенко и државен орден ќе му дал на Партениј за тоа што јавно се кажува дека е Бугарин.

Игуменот Партениј, не презема никаква одговорност на почетокот од кризата, иако со него тргна непочитувањето на мерките – со литиите и големата служба за Велигден, зар и овој пат така ќе помине?

Заев и Филипче кои заговараат дури собранието и владата да заседаваат он-лајн, ќе бидат ли меѓу стотиците присутни на настанот, а од утредента лицемерно да ги усвојат законските измени за „забрана за групирање во домови на семејни прослави за повеќе од четири лица“? Ќе присуствува ли Пендаровски во Бигорски, зашто е покровител?

Ако политичарите бидат таму и го платат цехот за прославата во услови на рекордни бројки новозаразени, покрај што ќе ја потценат интелигенцијата на граѓаните во своето лицемерие, тие свесно државата ќе ја спремат за двојно „славје“, 1000 години за 1000 заразени, дневно.

А, доколку Партениј посакуваше вистинска прослава, таа на најдобар начин ќе ја спроведеше излегувајќи од раскол. Нема поголема прослава од Соборноста со сите православни христијани во светот, и нема поголемо промашување од немањето единство со никого, како што нема Партениј. Тој и неговиот манастир се срам за сите блаженопочинати предци низ вековите, зашто манастирот отсекогаш бил дел од Соборната Црква, односно, никогаш во историјата не бил расколнички манастир како што е денес под жезлото на расколникот Партениј.